|

Пенчо Семов – првиот бугарски милијардер чиј имот бил национализиран по 1944 година

Пенчо Семов, познат како „бугарскиот Рокфелер“, оставил богатство од над 1 милијарда лева во моментот на неговата смрт во 1945 г., во тоа време таа сума изнесувала повеќе од 9 милиони долари. Неговиот капитал вклучувал фабрики, акции, пари и техничка база во повеќе индустрии, пишува неделникот 168 часа.

Роден во габровското село Цветковци, Семов од сиромашно момче, станал еден од најбогатите индустријалци во Бугарија. И покрај личните трагедии – загубата на првата сопруга и двете деца од туберкулоза – тој инвестирал во добротворни цели, вклучително и изградба на белодробна болница и фонд за борба против болеста.

Историчарката Красимира Чолакова наведува дека една од неговите најзначајни градби – вилата „Ефорија“ во Габрово, наменета како старечки дом, денес се реставрира. Според неа: „До чешмата секогаш држел кутија со трибојни локумчиња – бело, зелено и црвено, за луѓето да се напијат вода и да паметат дека се Бугари.“

Семов бил акционер во 28 компании, меѓу кои банки и осигурителни друштва, во неговите фирми работеле околу 15.000 луѓе. Тој донирал значајни средства, вклучително и 300.000 златни лева за дипломатски напори по Првата светска војна во корист на Бугарија.

По 9 септември 1944 година, неговиот имот бил целосно национализиран од комунистите, а неговата фондација била укината. Иако бил предупредуван за претстојните промени, Семов верувал: „Може да ни ги земат фабриките, ама ќе нè остават да работиме во нив.“

Тој умира во почетокот на 1945 година, без да го види уништувањето на своето стопанско наследство.

Слични Објави