Пендаровски: Да ни е вечна македонската република
Претседателот Стево Пендаровски упати видео – честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.
– Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: „да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија”. Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на денот на независноста. Успесите не радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава. А цената ја плаќаат оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат. Почитувани сограѓани, Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991-та гласаа за уредена и просперитетна Македонија која сеуште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме, вели Пендаровски.
Тој додава дека од граѓаните денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата.
-Од нас денес се бара да имаме фунционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани. Смислата на постоењето на републиката е да го оствариме заедно она што не можеме да го постигнеме засебно ‒ слобода, правда, економска благосостојба и соживот. Како што секој успех на македонската држава до сега е плод на заеднички напори, така и речиси секој системски неуспех е последица на отстапувањето од тој принцип. Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме. Државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини кои можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности. Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од 3 децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат. Убеден сум дека имаме и сили и волја за такво нешто! Нека ни е честит Денот на независноста! Да ни е вечна македонската република, наведе претседателот Пендаровски.