ПЕНДАРОВСКИ ЈА ПРИМИ СРПСКАТА АМБАСАДОРКА ДУШАНКА ДИВЈАК – ТОМИЌ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак – Томиќ.

На средбата, двајцата соговорници разговараа за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и за актуелните состојби во регионот.

Претседателот Пендаровски изрази уверување дека традиционалното пријателство меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнува и дека Република Северна Македонија е насочена кон градење на блиски и позитивни односи со Република Србија. Претседателот истакна дека неодамнешната средба со претседателот Вучиќ за време на инаугурацијата ја потврдува заедничката заложба за натамошно градење на пријателството, добрососедските односи и регионалната соработка.

Во однос на европските интеграциски процеси за земјите од регионот, претседателот Пендаровски истакна дека европски интегриран Балкан е важен предуслов за напреден и економски просперитетен регион, изразувајќи очекување дека Европската унија ќе ги има предвид овие околности кога ќе одлучува за напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат.

Амбасадорката Дивјак – Томиќ на претседателот Пендаровски му го честиташе стапувањето на функцијата и му посака успех во работата и истакна дека таа ќе придонесе во интензивирање на билатералната соработка на сите полиња од заеднички интерес.