СЕ МОЛАТ „СКОПЈАНИ“ ДА СЕ ОДНЕСУВААТ СКОПСКИ: СТАР МЕБЕЛ, ЕЛЕКТРИЧНИ АПАРАТИ И ВЦ ШКОЛКИ РАСФРЛАНИ ПО СКОПСКИТЕ УЛИЦИ

Стар мебел, електрични апарати и вц школки расфрлани по скопските улици. Комунална хигиена објави фотографии за отпадот кој за време на празничниот викенд жителите на Скопје го оставиле на улица или покрај контејнерите, загадувајќи ја животната средина преку неправилно отстранување на кабестиот отпад од нивните домови.

Во текот на празничниот викенд екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се соочија со зголемена појава на неправилно одлагање на отпадот во речиси сите скопски општини.

Голем број наши сограѓани се одлучиле својот кабаст отпад – стариот мебел, електронските и електричните апарати да ги одложат на јавни површини, притоа директно кршејќи го Законот за јавна чистота. Фотографиите се направени на улиците Франклин Рузвелт, Аминта Трети и Цветан Димов, во општините Центар, Карпош и Чаир, соопштија од Комунална хигиена.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје апелира до престане загадувањето на животната средина преку неправилното одлагање на отпадот. ,,Ги информираме нашите сограѓани дека својот кабаст отпад секој ден во неделата, од 07 до 19 часот, може да го одложат во Центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште. За оваа услуга не се наплатува паричен надоместок”, се додава во соопштението.

Извор: Макфакс