НАЈНОВИОТ ПРОЕКТ НА ИСКРА ДИМИТРОВА „@ТРАГИ“ ВО ЧИФТЕ АМАМ

На 28 мај 2019 година (вторник) во 20:30 часот во НУ Национална галерија ќе биде отворена изложбата насловена „@Траги“ на уметницата Искра Димитрова. Според Димитрова, изложбата „@Траги“ претставува портрет на нашата средина преку изложување на огромна архива реакции и написи во јавноста кон проектот „Вера, надеж, љубов“ – трите врби во реката Вардар, едно современо уметничко дело кое неправедно и неоправдано се претвори во синоним на проектот „Скопје 2014“.

„Најновиот проект на Искра Димитрова е остра критика токму на начинот на којшто во полето на културата се артикулираат и дистрибуираат одредени ставови, мислења, вредности”, пишува Љиљана Неделковска.

Како што вели, пак, Лазо Плавевски, еден од кураторите „…проектот „@Траги“ како и секој реален уметнички проект е реализација на една идеја како пластично да се реализира некоја намера. Димитрова кон овој проблем пристапува исклучително уметнички одговорно, внимателно фокусирајќи се врз сите детали особени за ваквиот вид изразување.”„Преку изложување на дел од проектната документација, договорите за изведба и реализација, како и огромен број коментари, оценки, критики за проектот, Искра Димитрова своето искуство го претвора во серија поврзани инсталации, кои ни нудат исклучителна и несекојдневна можност да го проследиме функционирањето на медиумската сфера, процесот на деградирање на информирањето и начините на креирањето на јавното мислење, а уште повеќе контролираната дезинформација како едно од најмоќните оружја во политичката битка, процеси низ кои уметничкото дело може да стане колатерална штета“, вели Владимир Јанчевски.

Куратори на проектот се Лазо Плавевски и Владимир Јанчевски, стручен соработник е Лилјана Неделковска, а асистент на проектот е Нита Муча. Куратор од Националната галерија е Ана Франговска, а кустоси соработници Александра Зиновски-Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски. Технички асистент е Владо Димоски, а светло-мајстор Илија Тарчуговски. Видеото, монтажата и звукот се на Дамјан Цветков Димитров.

Проектот е финансиски поддржан од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија и Министерството за култура.

Извор: Макфакс