ПЕШЕВСКИ: МНОГУ СМЕ МОТИВИРАНИ, ОВДЕ Е КАКО ДА ИГРАШ ВО „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“!

Со една победа веќе складирана, полесен е воздухот во Виена, па македонските ракометни репрезентативци спокојно се рекуперираат и се фокусираат на утрешниот дуел со Чешка.

Од Виена, Владко Арсов

Фото: Петр Стојановски

Кога играме против ваков противник не треба посебно претставување. Чешка е селекција со која, речиси, секоја година се соочуваме по еднаш, двапати и секој од тие натпревари е близок, тежок и напорен. Според Жарко Пешевски, тоа е репрезентација која може дасе надигрува со секого, а поразот од Австрија вчера ги става во позиција да мора да одат на се или ништо против Македонија.

„Чешка е добро познат противник на македонската репрезентација. Кога ќе споредиме со вчерашниот натпревар, мора да влеземе во тој меч поконцентрирано, помотивирано против Чесите. Тие се една одлична екипа, дојдена тука да игра против секого без респект. Го видовме тоа против домаќинот, вчера, но за нивна несреќа загубија. Затоа овој натпревар против македонската репрезентација за нив ќе биде последна шанса, нема да имаат поправен. И за нас ова ќе биде многу важен меч, по победата со Украина вчера. Ќе гледаме да го искористиме денешниот ден за да се подготвиме добро и да излеземе максимално концентрирани и мотивирани и да покажеме дека можеме да ги добиеме Чесите“, вели Пешевски.

За стилот на натпреварот, не ни требало да биде како оној меѓу Австријците и Чесите вчера, со „брканица“ и многу голови. Пешевски очекува повеќе дуели, поголемо значење на одбраните и помалку голови.

„Очекувам груба и жестока игра, во која одбраната ќе го реши победникот на крајот. Голманите ќе имаат главна улога во тој натпревар, кој ќе биде покоцентриран, кој ќе направи помалку технички грешки, ќе го добие натпреварот на крај. Ние ќе бидеме максимално подготвени пред…не знам колку илјадната публика, исто како да играме во ‘Борис Трајковски’ е , ќе се радуваме и ќе оствариме еден добар резултат“, истакна пикерот.

Македонија и Чешка играат утре од 16 часот, а со победа, Македонија ќе се пласира во втора фаза.

Извор: Спорт1