ПЕШЕВСКИ: НЕМА ДА БИДЕ КАКО ВО БИТОЛА, АМА ТУРЦИТЕ ПАК ЌЕ ТЕПААТ!

Македонската ракометна А-селекција, во состав како никогаш досега, веќе е во Ескишехир, каде што се подготвува за првиот од двете пријателски средби, против Турција денеска (17.30) и со Италија утре (16.00).

Највозрасен во тимот е Жарко Пешевски со 28 години, податок што доволно кажува за младоста и за неискуството на оваа репрезентација. Но, тие не сакаат тоа да го гледаат како недостаток, туку како неограничена можност за докажување. Ова се натпревари кои долго време ги немаа ракометарите во надоаѓање, за да се покажат и да докажат дека вредат за првиот тим.

„Мислам дека една ваква А-селекција е добар потег од селекторот затоа што сите заслужуваат шанса и мислам дека оваа мисија ‘Турција’ ќе биде добра шанса да видиме кој и колку може и дали е подготвен да одговори на сите оние замисли кои селекторот ги има. Ние сме тука да дадеме се од себе. Јас како еден од поискусните ќе дадам се од себе за да им помогнам што подобро да се покажат на теренот“, размислува Пешевски.

Тој ќе биде еден од двјацата пивоти во тимот, заедно со Филип Арсеновски, откако Милан Лазаревски откажа поради повреда. Затоа, двајцата ќе бидат често изложени на беспоштедни дуели со Турците, за кои видовме во последниот квалификациски циклус дека сакаат да играат ракомет со многу физички контакт и тепање во одбраната.

„Овие два меча ќе бидат сосема поинакви од оние кои со Турците ги игравме во квалификациите. Точно, тие играат агресивно во одбрана, состав со исто така многу млади играчи, кои играат во европски тимови и по секоја цена ќе сакаат да се покажат на домашен терен. Треба да се даде максимумот. Неискусни играчи има, но верувам дека ќе оставиме добра слика и да покажеме дека Македонија има млади сили кои заслужуваат да се дел од А тимот“, најави Пешевски.

Извор: Спорт1

Слични Објави