Петровска – Агелер: Позитивните оценувања, модернизацијата и развојот на Армијата се доказ колку постигнавме заедно и здружени
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на армискиот полигон „Криволак“ имаше прва средба со новопоставената амабсадорка на САД во земјава, Анџела Агелер.
Како што истакна министерката Петровска, оваа прва средба се реализира на „Криволак“, затоа што, според неа, развојот на полигонот е најдобар пример за интензитетот на заедничката соработка, за посветеноста на развојот на одбранбените односи, заедничкиот развој на вооружените сили на двете држави и развојот на интероперабилноста во НАТО.
Министерката посочи дека Северна Македонија и САД имаат најсеопфатна и најинтензивна одбранбена соработка, што се должи на посветеноста на двете земји и желбата за заеднички развој.
– САД од 1996 година до денеска го поддржаа нашиот развој со 266 милиони долари, факт кој ја покажува посветеноста на нашиот стратешки партнер кон развојот на армиските капацитети и способности. Денеска, како членка на НАТО овие капацитети и способности се и капацитети на Алијасната и се во служба на колективната безбедност, рече министерката на средбата.
Таа дополни дека „Криволак“ е уште еден капацитет кој се развива заеднички. Инвестициите на „Криволак“, подвлече Петровска, се инвестиции во посилни сојузнички армии и подобра интероперабилност.
Министерката Петровска додаде дека за земји како Северна Македонија и САД, кои покажуваат силен мотив и посветеност кон стратешкиот дијалог и стратешкото партнерство, амбициите за уште поинтензивна одбранбена соработка се сè поголеми.
Амбасадорката Агелер порача дека е целосно запознаена со интензивната одбранбена соработка помеѓу двете земји и дека оваа соработка ќе продолжи да се реализира и развива и во иднина.
На состанокот стана збор и за моменталната безбедносна состојба на континентот, за потребата од зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот, како и за процесот на евроинтеграција.
На „Криволак“, амбасадорката Агелер имаше можност одблиску да се запознае и со карактеристиките на новите оклопни транспортери од американско производство, JLTV Oshkosh, кои се дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата. САД годинава овој процес на модернизација го поддржуваат со вкупно 106 милиони американски долари и тоа преку програмите за одбранбена соработка.
Извор: zoom.mk