| |

Пицула: Србија, наместо двигател, се претвори во сопирачка за проширувањето на ЕУ

Србија, наместо двигател, се претвори во сопирачка на процесот на проширување на Европската Унија, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, хрватскиот европратеник Тонино Пицула, јавува БГНЕС.

Изјавата следува по усвојувањето на неговиот извештај за напредокот на Србија кон членство во ЕУ, во кој се оценува дека европската интеграција на земјата е значително забавена, а во одредени области има и назадување.

„Наместо Србија да биде двигател на процесот на проширување, таа стана негова сопирачка“, нагласи Пицула. Тој посочи дека Србија не може да се разгледува одделно од нејзиното влијание врз Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Според него, Европската комисија ги ублажила оценките за Србија под влијание на Франција и Германија, кои настојуваат земјата да остане во европската орбита. Пицула предупреди дека со тоа се игнорира реалната состојба и се помага „автократскиот режим“ формално да остане на европскиот пат.

Тој потсети дека осум од 27-те земји членки се спротивставиле на отворањето на третиот кластер во преговорите со Србија.

„Европската Унија не смее да ги игнорира кршењата на човековите права и основните вредности во замена за политички или економски интереси“, порача Пицула.

Тој оцени и дека долгогодишната антиевропска реторика во Србија и во српските медиуми придонела членството во ЕУ да ја загуби поддршката кај граѓаните.

Слични Објави