ПО ЕДНА ТИКВЕШКА РАКИЈА ЗА ЗАЕВ И КАРАКАЧАНОВ И МНОГУ ЛАДНА ВОДА ЗА НАС

Од денешното видео соочување во емисијата „Стадион“ на колегата Столе Наумов, меѓу премиерот Заев и „контроверзниот“, но овој пат дипломатски расположен Красимир Каракачанов дознавме дека и двајцата пијат тиквешка жолта ракија. Значи ракијата навистина ги поврзува луѓето…

loading...

Премиерот Заев се разбира направи нешто многу поважно од тоа да ни сподели каков алкохол пие додека другарски седи со Каракачанов на маса и двајцата заедно мудруваат за доброто на двата народи и двете земји.

Првиот човек на македонската Влада испрати порака до историската комисија дека решението на проблемот со Бугарија се наоѓа во историските факти. Заев додаде дека решението може да се постигне само преку нив на експертски и професионален начин.

До тука добро, но како и секогаш некаде меѓу редовите кога се работи за односите меѓу Македонија и Бугарија има едно големо НО.

Пред два дена три многу важни за македонската државност институции излегоа во јавност со заеднички меморандум наречен со обврзувачкиот наслов Македонски манифест, каде што потпишаните- академик Љупчо Коцарев (Претседател на МАНУ), Архиепископот Охридски и Македонски гг Стефан и ректорот на УКИМ проф д-р Никола Јанкуловски повикаа на пет работи.

Мене најинтересно да не речам чудно ми се причини следното:

– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;

Да ме извинат потписниците, ама комплексна интерпретација на објективните факти е многу широк термин и неверувам дека истиот ќе биде прифатен, пред се поради простата причина што е несериозен и секако комичен.

Почитувани, зарем мислите дека некој ќе го уважи Вашето барање за продолжување на приказните од времето кога во Вардарскиот дел на Македонија се раскопуваа гробовите на старите војводи и комити и се рушеа нивните споменици заради тоа што се „бугарашки“? Се надевам дека не сте сериозни. Академик Коцарев, Вашиот предок Илија Коцарев, кметот на Охрид за време на „окупацијата“ се превртува во гроб!

Со интерпретираните приказни од типот: Што ако има пишани извори во кои македонските револуционери сами се изјаснуваат како Бугари, ние можеме тоа секако да го интерпретираме, а ако Бугарите навистина ни се браќа треба да го прифатат тоа, тешко дека се влегува во 21 век истиот на кој вие така прогресивно се повикувате.


loading...

Јас сум свесен дека тие интерпретации изградија многу кариери, ама мислам дека е време да се запре со нив. Одамна Македонија е независна држава и не мислам дека има потреба од интерпретирана историја.

Додека вие сте граделе кариери и сте уживале во убавините на титовизмот, едни други кариери, а и цели животи биле уништувани од истиот тој титовизам. Тоа е историски факт, со или без ваша интерпретација. Прашајте го Сашо Тасевски, нему уште му е криво што веќе ги нема маршалот и УДБА па тие да ги сределе „бугарашите“.

Не знам како воопшто Ви дошло во паметните глави дека некој ќе ги уважи интерпретациите за кои така невино вие барате „зелено светло“.

Бидејќи погоре го спомнав векот во кој што живееме, сакам да поставам едно многу едноставно прашање: Ако во „фашистичка“ Бугарија денес има солиден број на интелектуалци кои поради некакви демократски побуди или пак мотивација од друг нетолку духовен карактер праќаат отворени писма и собираат потписи против политиката на Владата на Борисов, каде се македонските интелектуалци кои би требало да се побунат за тоа што имаме еден договор за добрососедство например што стои како таков само на хартија? Има ли воопшто во Македонија интелектуалци што ќе можат јавно да излезат и да кажат нешто самокритично за нашиот однос кон Бугарија сега и во минатото, без потоа да бидат распнати на крст како што се случи со професорите Малески и Колозова.

Мене веќе ми се изгуби бројката на модерните и незаостанати бугарски професори и интелектуалци, кои многу гласовито се бунат против заостанатите ревизионисти во бугарската Влада. Во Македонија само двајца професори надвор од официјалната власт се дрзнаа да кажат нешто надвор од тоа што веќе повеќе од 70 години е наметнувано во Македонија. Зборувајте ми за демократија, но ве молам без интерпретации.

Ако овие бугарски интелектуалци ги сметате за умови на 21 век, каде се заглавени умовите на македонските интелектуалци кои речиси секој ден објавуваат текстови со навредлива за Бугарија и Бугарите содржина во медиуми што се субсидирани од државата, без разлика дали се работи за весници, телевизии или интернет сајтови? Со телата се тука, а со мозоците го чекаат Бојко да отиде во Ваташа и да се извини за нешто за кое Бугарија го уапсила и предала на СФРЈ директниот извршител. Нема да има никаков ефект. „Пропатените“ од клетиот бугарски окупатор, нема да простат, бидејќи ако простат, веќе нема да имаат неизлечива болка што реално ги вади од анонимност. Како најтазе пример за тоа можам да ја спомнам внуката на Раде Јовчевски Корчагин за која јас, а верувам и многу други „заостанати Бугари“ немаше да знаеме дека постои да не се случеше бугарското вето.

PS: Како би изгледало јас сега да почнам да ја интерпретирам жестоката фотографија со убиениот Раде Јовчевски? Грозно би било нели, е па грозно е и Гоце да го интерпретирате, ама вас повеќето кур не ве боли за него.

Автор: Атанас Величков