НИКОЈ НЕМА ДА БИДЕ ПОШТЕДЕН ОД ПРАВДАТА И МАКЕДОНСКИОТ ПОРНО-НАЦИОНАЛИЗАМ

Денов навистина почна ветувачки… Кате „Нели ти реков“ ги средила „дилемите со сопругот“. Не „кликнав“ да видам за какви дилеми се работи, бидејќи ќе ми извриеше кафето на рингла…

Не знам дали приметивте, ама денеска Антикорупциска, како да е пуштена на најјако. Фрчат барања за пријави, казни се изрекуваат и никој не е поштеден. Од директорот на РЕК, Васко Ковачевски, до Нефи!!! Замислете, дури на Нефи кренаа рака. А човекот веќе на втора телевизија мавта со документи дека неговата пицерија не е дивоградба и дека во Советот на град Охрид, каде што неговиот глас е одлучувачки све си е изгласано во интерес на „Луна“. „Луна“ е пицеријата… Не е дивоградба вели газда Нефи, ама, ако се срушеле останатите 1400 дивоградби во Охрид, тогаш тој лично ќе ја срушел и неговата дивоградба, која не е дивоградба…

Но Нефи е стара тема и стара болка за охриѓани. Најновото е тоа што под ударите на Антикорупциска се најде и еден друг лик од ДУИ, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, познајте зошто…? Пак заради дивоградба? Има ли изненадени? Нема. Ок, одиме понатаму. Инаку и платформите на Матка, се направени за да им е убаво на туристите исто како и пицеријата на Нефи. Каков живот дојде еј, ем си од владејачката гарнитура, ем ти се качуваат на глава за дивоградби, ем ти си ги изградил за убаво… Нема кој ни едно фала да ти каже.

Дали насетувате дека веќе батките од ДУИ како да не се антачаблс, демек недопирливи? Да бе, никој нема да биде амнистиран ако направил криминал, изјави денеска премиерот во видео порака и нормално рече дека одговорноста за тоа да се тргнат стегите од правосудството е кај Мицкоски, бидејќи неговата партија била најголемиот одговорник за сегашната ситуација. Нормално, власта не е одговорна за ништо, како и секогаш во Македонија.

Ми текнува како Заев се жалеше низ каков пекол поминал додека не го обезбедил 2/3 мнозинство за промената на уставното име. Ќе биде фино од негова страна да направи уште еден напор па белким завладее тоа проклето право во таа наша два пати по проклета земја… Ајде нека го направи тоа, за да нема потреба да си го прекинува одморот за да ни кажува дека правдата веќе нема да биде селективна. Сосема друго прашање е фактот што тој како премиер нема што да дава оцени за правдата. Ама тоа се разбира е можно во некоја друга земја, која по ништо не би требало да личи на нашата.

Нашата е „северна, северна“, ама не е Норвешка. Во нашата 3 дена се збори за тоа дали група партиски дебили провоцирале за време прославата за Илинден на Мечкин Камен, оти други дебили, ама од дијаспората ги провоцирале нив со довикувања. Видео има, се слушаат извиците „северна северна“, ама немаме конечен одговор на прашањето дали  паднавме толку ниско па сами да си плукаме во фаца.

И сосема за крај… Некој си Горан од Битола, се облекол како припадник на фалангата на Александар и мавтал на некаква грчка плажа со сонцето од Кутлеш… Тоа се разбира како последен крик на македонскиот патриотизам.

Да се облечеш како кловн и со бутафорна пластична капа да мавташ со нашето поранешно државно знаме и да се сликаш како си купуваш крофни, може да се нарече патриотско дело, само од лик со мозок пропиен со порно-национализмот на Миленко, и од ниту еден друг нормален разумен облик на живот.

Прости им Гоце, не знаат што прават…

Автор: Атанас Величков