Почнува реконструкцијата на најголемиот парк во Благоевград – „Бачиново“
Во Благоевград почнаа градежно-монтажните работи за реконструкција и обновување на парковските површини во месноста „Бачиново“, во рамки на проект вреден 4,16 милиони евра, финансиран преку Програмата „Развој на регионите 2021–2027“, јавува Пиринско.
Проектот го опфаќа просторот од почетокот на Алејата на здравјето до езерото и зелените површини околу него, а сите градежни активности треба да завршат до јули 2028 година.
Работите почнуваат со изградба на втор мост, кој ќе ја поврзува Алејата на здравјето со бејзбол-игралиштето и тениските терени од другата страна на реката Бистрица.
Новиот мост треба да ја подобри поврзаноста меѓу различните делови на паркот и да овозможи дополнителен простор за прошетка, одмор и спорт.
Во оваа зона се предвидени и нови платоа, простор со комбинирана опрема за уличен фитнес и маси за пинг-понг. Ќе биде проширена зоната за одмор и ќе биде засадено ново зеленило.
На јужниот брег на реката Бистрица е планирано уредување простор за одмор, како и обновување со природна подлога на постојната патека што води кон езерото.
Проектот опфаќа и реконструкција и проширување на постојните патеки и на памп-тракот во близина на езерото, збогатување на растителноста, изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, детски и спортски игралишта и системи за наводнување.
Предвидено е и поставување енергетски ефикасно осветлување и системи за видеонадзор.
„Нашата идеја е да го зачуваме карактерот на паркот таков каков што е, односно парк во природна средина. Таму каде што веќе се оформил како омилено место, нашата интервенција да биде минимална или воопшто да ја нема. Интервенираме само во делови што никогаш не биле развиени, каде што имало неуспешни обиди за создавање парковска средина или кои со текот на времето биле уништени“, изјави градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев.
Градежно-ремонтните активности ќе се спроведуваат во две фази. Првата ја опфаќа зоната кај висечкиот мост од страната на патот кон селото Бистрица и просторот до бејзбол-игралиштето, додека втората фаза предвидува зафати во зоните околу езерото во паркот „Бачиново“.
Проектот е дел од приоритетната „Зона за туризам и одмор“ во Планот за интегриран развој на Општина Благоевград.
Од вкупната вредност од 4.157.716,16 евра, 2.910.401,30 евра се обезбедени од Европската Унија преку Програмата „Развој на регионите 2021–2027“, а остатокот од националниот буџет на Бугарија.

