Поддршката за слободна Украина е поддршка за слободна Бугарија*
Андреј Ковачев
Четири години од почетокот на целосната руска агресија врз Украина. Четири години искушение за совеста на Европа — и на Бугарија.
Често се цитира Данте дека „најтемните места во Пеколот се за оние што остануваат неутрални во време на морална криза“. Не е буквален цитат, но смислата е јасна — рамнодушните се соочуваат со презир затоа што немале храброст да ја изберат морално оправданата страна.
Денес изборот е јасен.
Пред четири години нуклеарна сила навлезе во суверена држава за да ја потчини и избрише. Ова не е „конфликт“. Ова е брутална, непредизвикана агресија. Војна против слободата на Украина — и против безбедноста на секоја соседна држава, вклучително и Бугарија.
И токму тука се протнува удобниот збор — „неутралитет“.
Ни велат:
- Украина е изгубена.
- Ова не е наша работа.
- Санкциите не функционираат.
- Помошта ќе нè вовлече во војна.
- Најразумно е да молчиме.
Ова не се случајни мислења. Тоа се систематски повторувани наративи на кремљската пропаганда на социјалните мрежи — преку тролови и ботови и вешто користење на алгоритмите — со цел да се создадат страв, замор и апатија.
Но да бидеме искрени:Во Украина живеат стотици илјади Бугари под закана од ракети и окупација — тоа не е ли наша работа? Ако прифатиме дека границите можат да се прекројуваат со сила, кој ги гарантира нашите?
Поддршката за Украина не е сентимент. Таа е самоодбрана!!! Одбрана на бугарската слобода и демократија!!!
Не може да постои морална неутралност меѓу жртва и агресор. Историјата ни го докажала тоа. Нашите предци во ужасните години на Холокаустот ги заштитиле своите сограѓани од истребување.
Да, цената постои. Но алтернативата е свет во кој силата го заменува правото, а стравот — слободата.
Четири години подоцна изборот останува ист:
или сме на страната на слободата,
или ја прифаќаме диктатурата.
Денес поддршката за слободна Украина е поддршка за слободна Бугарија.
* Насловот е на редакцијата
