ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ИЗНУДА: ГО ДРЖЕЛЕ ВО СТАН ВО СКОПЈЕ, ГО ТЕПАЛЕ И СЕЧЕЛЕ СО ЖИЛЕТ

/

Основното јавно обвинителство Битола денеска поднесе обвинение против двајца битолчани кои во периодот од 13 декември до 15 декември 2019 година заедно договорени, како соизвршители, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, сториле кривично дело „изнуда“, пренесува Лидер.

Еден од обвинетите се товари и за сторено кривично дело „лажно пријавување кривично дело“.

– Обвинетите го држеле оштетениот затворен во стан во Скопје, каде со употреба на сила го соблекле гол од половина нагоре, го тепале со тупаници по главата и телото, го удирале со тапиот дел од чекан и со метална шипка по главата, го пресекле со нож на левата рака и со жилет по грбот, по што му ставале сол и парфем на раните. Обвинетите на жртвата и нанеле тешки телесни повреди изразени како нагмечување, скршеници и крвна подлиеност во пределот на главата и телото. Обвинетите воспоставиле со родителите на жртвата телефонска комуникација од телефонот на оштетениот, а потоа и видео повик за време на кој повторно го тепале видно повредениот оштетен. Тие ги присилиле родителите на оштетениот на штета на својот имот да им дадат паричен износ од 1.600 евра, како прв дел од вкупно 40.000 евра. Мајката на оштетениот ги донела побараните парични средства во Скопје и како што и било кажано, ги оставила во паркираното возило на нејзиниот син, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Со поднесениот обвинителен акт, посочуваат од ОЈО, Основното јавно обвинителство Битола, еден од обвинетите го товари и за лажно пријавување на кривично дело, бидејќи на 15.12.2019 година, во 21:00 часот во просториите на СВР Битола, обвинетиот откако бил предупреден на последиците од лажно пријавување на кривично дело, лажно пријавил дека спрема него како оштетен е сторено кривично дело „разбојништво“ и кривично дело „противправно лишување од слобода“, за кои гонењето се презема по службена должност.



-Тој навел дека помеѓу 12 декември и 15 декември 2019 година бил жртва на двете кривични дела извршени наводно од првообвинетиот и уште две лица, иако знаел дека такви кривични дела не биле сторени спрема него, туку дека во периодот од 12 декември до 15 декември 2019 година во наведениот стан во Скопје, самиот тој заедно со првообвинетиот учествувал во извршување на кривично дело „изнуда“ спрема вистински оштетеното лице, велат од обвинителството.

Јавниот обвинител, кој постапува во предметот, до судот денеска доставил и посебен предлог за продолжување на мерката притвор, сметајќи дека доколку обвинетите се на слобода ќе имаат непречена можност да го попречуваат водењето на кривичната постапка и утврдувањето на фактичката состојба со влијание врз сведоците, дека постои можност да го повторат кривичното дело, како и да се дадат во бегство.

Претходна статија

ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ОКСФОРД“: КОИ ЗЕМЈИ ИМААТ НАЈСТРОГИ МЕРКИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОВИД-19

Следна статија

КОРОНАВИРУСОТ КОСИ ВО СРБИЈА-НОВИ 424 ЗАБОЛЕНИ И 5 ПОЧИНАТИ ЛИЦА

Најново од Вести