|

Полицајката Јаначковска ја „удри“ системот

Во Македонија лесно се паѓа по скали. Во Македонија лесно можеш да паднеш и од тераса додека ги средуваш саксиите со украсни цвеќиња. Во Македонија лесно можеш да се лизнеш и да паднеш во провалија. Во Македонија…

Што правите, како сте? Дали слушавте за „пајакот“ што ја „удрил“ полицајката Јаначковска? Не ви се верува? Абе како така, девојчево и со министерот правеше муабет за случајот. Да не се секирате, никој не ја тепал, таа сама се удрила. Министерот дури се слика со жртвата на „агресивниот“ пајак. Се слика и ја пофали дека постапила како врвен професионалец додека еден партиски функционер на вечниот коалиционен партнер ДУИ ја навредувал на висок тон. Респект кон човекот и униформата што ја носи??? Ма ајде ви се молам. Респектот одамна е мисловна именка во нашата земја.

Нашиот леко мувлосан систем веќе си има име, се вика „пајак“. Основната функција на пајакот е да ги исцедува граѓаните, а во слободното време да се исживува врз тие кои го претставуваат репресивниот апарат на државата, задолжен да ги чува граѓаните во позиција „мирно“. Ете до кај сме дојдени. Дури тие во униформа не се поштедени, па што остана за обичниот народ, кој плаќа даноци, заработува со крв и пот и очекува од државата барем трошка заштита.

Јас не ни сакам да го коментирам човекот кој си земал за право „вербално да ги понижува“ полицајците. Неговото име не е ни важно, бидејќи системот дозволува денеска „агресивниот“ партиски функционер да ги има иницијалите Б.А., утре иницијалите да бидат сосема други, а задутре да ги прочитате дури и моите. А тоа од која и страна да го погледнете не чини.

Работите се толку едноставно поставени, што дури наликуваат на евтина и вулгарна кратка сторија од оние, кои ги пишуваше генијалниот Буковски. Од едната страна стои недопирливиот близок до власта „насилник“, а од другата стојат мирно луѓето чија работа е да приведат истиот тој „насилник“, ама не смеат да го направат тоа бидејќи се плашат да не си направат проблем „ако му паднат во око“ на локалниот моќник.

Стравот е во основата на се. Стравот од системот, таа добро разработена машина, што може да го изеде секого, кој не игра според правилата.

Правилата се јасни: Седи мадро да не видиш модро, оти ако го видиш после ќе треба да правиш будала од самиот себе за да си ја спасиш барем главата. Честа никој веќе не ни ја есапи за нешто што ти треба за да живееш достоинствено. Фрижидерот е тој што го одредува однесувањето, а фрижидерот го полни и го празни системот. Токму тоа треба да се промени!!!

Јас не сакам системот да креира овци. Јас не сакам стравот да излегува од границата на нормалното и да гази врз достоинството на човекот. Јас не сакам, политиката да се сфаќа како најкраток пат до недопирливоста. Јас не сакам, бидејќи ниту се наоѓаме во Чикаго во времето на Ал Капоне, ниту сме енклава раководена од наркокартел што сече глави и пали живи луѓе, само за да покаже власт и моќ. Јас имам сосема поинаква претстава за мојата земја и нејзините граѓани.

Ние можеме да го победиме стравот. Ние можеме да застанеме во одбрана на сите што „паднале по скали“, „се удриле во шефоњер“, „паднале од тераса“ итн. Ние можеме и мислам дека е време за акција.

Автор: Атанас Величков

Слични Објави