Политичка визија за Македонија
Распадот на Југославија, освен создавање на Република Македонија како самостојна, независна и суверена држава, членка на ООН , односно вцртана на светската карта, донесе и промена во политичко-економското уредување на земјата. Од еднопартиски систем на управување, со планска командна економија, Република Македонија се трансформираше во повеќепартиски политички систем, со редовни избори, на кои носителите на јавните функции, директно го црпеа својот легитимитет на управување од гласачите ( граѓаните со право на глас), односно од носителите на суверенитетот на државата. Некако „ природно“ во мултиетничка држава како што е Република Македонија, со значителна албанска заедница, како втора најмногубројна после македонската , и припадниците на помалите етнички заедници ( турска, ромска, српска, бошњачка, влашка), во тој бран на создавање на демократски политички партии, регистрираа „ свои“ етнички партии, односно политички партии, кои исклучиво или скоро целосно ќе се занимаваат со унапредување на правата на граѓаните од својата етничка заедница.
Создавањето на етничките партии
На тој начин, така, полека но сигурно се изнедрија и се етаблираа етничките партии во Македонија, кои наместо демократија , донесоа „ етнократија“, извитоперен политички систем, кој државата ја претвори во консоцијација- етнички пропорционална демократија, каде што врз база на процентите на етничките заедници, се форсира нивна репрезентација во институциите на системот ( јавната администрација, судско-обвинителскиот систем, агенции, научни институции, институции од областа на културата, здравствени центри итн.). Апсолутно е нормално, и посакувано секој припадник од која било етничка заедница да биде дел од овие горенаведени институции, но, само ако неговата етничка припадност е услов за негова институционална репрезентација, без да се земат в предвив останатите параметри и квалитети: степен на образование, исполнување на предвидени критериуми; стручност, компетентност, тогаш ние стануваме парализирана држава, односно еден своевиден административно- бирократски Франкештајн, кој е создаден само да ги задоволува етничките бројки.
Македонија како неинституционализирана федерација
Инсистирањето на принципот, создавање на коалиција помеѓу „ победникот кај Македонците ( македонскиот политички блок) и победникот кај Албанците ( албанскиот политички блок), од страна на Демократската унија за интеграција ( ДУИ), после изборите во 2006 година, и негова имплементација во практика од 2008-2016 година, претставуваше, ништо друго освен практична ( применета), неинституционална федерација. Имено, ваков модел на создавање на власт, е познат во Босна и Херцеговина и Белгија ( две формализирани етнички федерација). Партијата за „ интеграција“, иронично на практика со потезите и политиките на етничко сегрегирање создаваше дезинтегративен процес со етнички процеп во општеството. За среќа на самото општество и неговите граѓани, после предвремените парламентарни избори, овој принцип беше напуштен, одново иронично, од партијата поради која и се воведе ( ДУИ).
Предизборни коалиции како предвесник на граѓански партии
Малубројноста на етничките заедници и нивната распространетост низ целата територија на Република Македонија ( турска, ромска, српска, влашка, бошњачка), и нивната бројност како помали партии, поради утврдениот изборен модел во Македонија, со шест изборни , овие партии на помалите етнички заедници ги форсираше во предизборна коалиција во некоја од двата доминантни големи блокови предводени од СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ, за да бидат репрезентирани институционално, како во Собранието, така и во Советите на локалната самоуправа, а со тоа и во Извршната власт, доколку се дел од владејачкото мнозинство. Од друга страна, пак партиите на етничките Албанци, кои исклучиво и само ги застапуваат интересите на етничките Албанци, никогаш досега не биле дел од предизборна коалиција во некој доминантен македонски блок. Оваа практика, исто така создаде еден вештачки модел на етнички поделен политички систем на „ македонски и албански политички блок“, и етничко постизборно коалицирање и создавање на Влада на Република Македонија.
Перспективи за демократски просперитет.
Формирањето на предизборни „ македонско –албански“ коалиции, кои ќе се формираат според идеолошката компатибилност и блискост на партиите, а не според „ принципот на победниците“, ќе ја релаксира македонската политичка сцена, ќе ја насочи политичката енергија кон вистинските проблеми на граѓаните , без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи или Бошњаци, бидејќи сите без исклучок имаат исти секојдневни проблеми: голема невработеност, масовно иселување пред се на младата популација, низок животен стандарт, партизираност, ендемска корупција, и нефункционални институции на системот. Доколку се одважат и се охрабрат политичките партии од „ двата етнички блока“, и го напуштат овој племенски и ретрограден воспоставен принцип, Република Македонија, конечно ќе излезе на избори на кои етничката запалива реторика, политичкиот вокабулар со национализам за ќарување на ситни политички поени, и етничко-националистичките провокации, ќе бидат заменети со една издржана , реална, економско- развојна програма врз иделошка база.Овој граѓански модел, може само да и донесе бенефит и позитивни импулси во идниот општествено-политички развој на Република Македонија, и политичарите и политичките елити, како најодговорни, и претпоставено зрели лидери, крајно време е да се охрабрат да го применат.
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки

