|

Полска воена делегација во Киев по инцидентот со руските дронови

Полска воена делегација, предводена од вицепремиерот и министер за одбрана Владислав Косиниак-Камиш, пристигна во Киев на разговори со украински официјални лица, јави „Киев Индипендент“, пренесува БГНЕС.

Претставници на полското Министерство за одбрана и вооружените сили ќе се сретнат со своите украински колеги за да разговараат за одбранбената соработка, поддршката за Украина и прашањата за регионалната безбедност во контекст на руската агресија.

Посетата доаѓа по безпрецедентниот инцидент на 10 септември, кога 21 руски дрон премина преку полскиот воздушен простор — првпат членка на НАТО да собори воени средства на Москва на своја територија. Во текот на нападот, Полска уништи најмалку три дрона.

Според украинското Министерство за надворешни работи, полските делегати ја посетуваат земјата и за да го проучат украинското искуство во одбрана од руските воздушни напади. Истовремено, полското Министерство за одбрана најави дека воени експерти од двете држави ќе одржат заеднички вежби на полска територија за користење дронови и антидронски системи.

Инцидентот со дроновите минатата недела ја потенцираше ранливоста на НАТО во справувањето со масовни напади со беспилотни летала. Украина редовно се соочува со вакви удари во многу поголем обем, а на 8 септември беше забележан рекорден напад со 810 руски дронови во една ноќ.

Слични Објави