ПОПОВСКИ: 50 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ПОМОШ ЗА ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ

Вести Истакнато Македонија

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, денеска одржа прес конференција на која ја соопшти одлуката на владата за Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018-та година.

Во прилог на ова соопштение, обраќањето на Поповски ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите и на еснафските здруженија, Печатените медиуми во секое демократско општество се столбот, фундаментот на објективното, независното и професионалното новинарство.
Голем број од новинарските бардови денес се тоа што се, затоа што започнале, а некои сеуште творат во дневен весник или во некој неделник.

Светската финансиска криза од 2008 година имаше разурнувачко влијание врз медиумскиот сектор на глобално ниво, а најпогодени беа печатените медиуми. Ова особено се забележува на помалите медиумски пазари, каков што е и македонскиот, каде обемот на комерцијални извори на финансирање е ограничен, куповната моќ на население е намалена, а политичката култура пренатрупана со клиентелистички однос меѓу политичките партии и одредени медиуми, се вели во извештајот на ОБСЕ од септември оваа година.

Една од клучните улоги на Владата е да ги регулира правилата на однесување во медиумскиот сектор на транспарентен, недискриминирачки и правичен начин во согласно со јавниот интерес и потребата за информирање на граѓаните.
Водена од овие принципи, но и по примерот на многу земји – членки на Европската Унија, на последната седница, Владата на Република Македонија ја донесе Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018-та година.
Како што гласи истата, целта на програмата е да се реализираат активностите за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми од општ, информативен карактер.

Вкупните средства предвидени за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2017 година изнесуваат 50 милиони денари.  Овие средства ќе бидат распределени на печатените медиуми исклучиво доколку тие ги исполнат сите предвидени критериуми содржани во програмата.

Критериумите за добивање на помошта се во целост усогласени со меѓународните стандарди. Ќе наведам неколку од предвидените критериуми, а програмата за поддршка на печатените медиуми од вчера е објавена јавно на веб страната на Владата и е доставена до еснафските здруженија и секој кој е дополнително заинтересиран ќе ви ја доставиме по електронски пат.

Во програмата е наведено дека:
• Корисници на овие средства се печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културолошки прашања.
• Едни од потребните документи при поднесување за барањето за поддршка, ќе бидат доказите дека медиум ги има исплатено сите обврски кон државата.
• Особено значајно е што секој медиум ќе мора во целост да ги има подмирено платите и придонесите кон сите вработени.
• Ова е од особено значење за финансиската сигурност и безбедност на новинарите и медиумските работници во печатените медиуми.

Во програмата има уште многу критериуми согласно позитивните законски прописи во Република Македонија, а сите коишто аплицираат ќе мора да ги почитуваат.  Предвидените средства од оваа програма ќе се доделат на печатените медиуми коишто се издаваат на македонски јазик во висина од 50% за направените трошоци за печатење и 50% за направените трошоци за дистрибуција.

Печатените медиуми коишто се издаваат на јазиците на етничките заедници, ќе добијат износ во висина не помалку од 50%, но не повеќе од 70% за направените трошоци за печатење и за дистрибуција. Повеќето држави во Европа посветуваат особено внимание и помош на печатените медиуми кои известуваат на јазик кој го говорат помалите етнички заедници во државата.
Конвенцијата на УНЕСКО од 2005 година укажува на субвенционирање за истакнување на културниот идентитет.
Европската комисија усвои конвенција со која се бара субвенционирање на печатените медиуми како инструмент за културна политика за заштита на различните етнички идентитети.

Ваквиот предвиден начин на распределба на средствата за поддршка на печатените медиуми е во целосна согласност со еден од темелните принципи на оваа влада „ЕДНО ОПШТЕСТВО“. По завршување на целиот процес, јавноста ќе биде информирана кој печатен медиум добил финансиска поддршка, колку изнесува таа, и кои медиуми евентуално не ги исполниле условите.
Особено важно е дека при изработката на Програмата, беа вклучени Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, чиј претседател, Лирим Дулови и членови се денеска со нас, а свои предлози достави и Здружението на новинари на Македонија.

Програмата за поддршка за печатените медиуми е во согласност со препораките нотирани во извештаите на Рајнхард Прибе, и на високата група на експерти за реформи во медиумите.  Оваа програма има поддршка од ОБСЕ, и од сите останати меѓународни организации. Поддршката за печатените медиуми како база на професионалното новинарство ќе помогне во справувањето со лажните вести и зголемувањето на медиумската писменост.

Почитувани новинари, верувам дека оваа поддршка ќе биде само дополнителен мотив за вас да работите објективно и исклучиво во интерес на јавноста.“