| |

Потрага по идентитетот

Владимир Перев

1.  Македонија отсекогаш имала проблеми со сопствениот идентитет. Да, навистина ние сме мултиетничко, мултинационално и мултикултуролошко општество, но освен оние кои себе си се нарекуваат македонци, сите други немаат проблеми со својот идентитет. Турците, албанците, србите, власите и другите во оваа земја точно знаат кои се, од кога се овде, кој е нивниот јазик и култура и како себе сѝ се нарекуваат. Проблемот сме ние – “етничките“ македонци, кои последниве стотина години пливаме меѓу изразите  “држава“ и “државност“, “нација, народ“ и “национална пројавеност“, “наше-македонско писмо, наша повеќевековна историја и култура“ и ред други дилеми и недоречености. Вината не беше само наша, соседите и народите во Македонија, здушно помагаа во дезориентираноста на обичниот народ. За србите бевме или “бугараши“ или “јужносрбијанци“, за грците бевме или “вулгарос“ или “славофони“, за власите бевме “вургари“, а до денешен ден на утакмиците во Западна Македонија, каде играат некој “македонски“ и некој албански клуб, албанската публика ни довикува “бугари, бугари“, со намера да нѐ понижи, а ние им одговараме со извиците “шиптари, шиптари“, со истата намера. Нити тие, нити ние сме свесни, колку макар и со намера за навреда, ја кажуваме вистината. 

2. Во периодот некаде по 1990 година, во неколку места на македонската јужна граница, се формираа друштва и организации кои јавно ја заговараа македонската “античност“ и директната, потомствена врска со Александар Велики. Тоа беа наивни и стерилни напори на обични луѓе со обично образование, да ја внесат Македонија во сферата на “великите“ држави од Антиката и да ѝ обезбедат место и сигурност во времето и светот кои надоаѓаат. Светот тоа не го ни забележа. Го знаеја и разбраа само грците и затоа грчката политика и службите, го блокираа влезот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт 2008 година, за потоа да се отвори нова ера во градењето на македонското национално самочувствие. Тогашниот македонски премиер Никола Груевски влезе во проектот “making a nation“, фрлајќи ги сите сили и добар дел од средства за формирање на македонска „античка нација“ и конечно разрешување на македонското национално прашање. Беа ангажирани определени финансиски средства и така се роди проектот “Скопје 2014“ година. Исто така, со огромна финансиска поддршка беше ангажиран и дел од македонската научна елита. Македонската академија на науките мудро молчеше како институција, додека некои нејзини членови, како и бројни историчари и археолози ја ширеа “вистината“ за тоа дека ние сме на местото на Александар Велики, ние сме наследниците и на неговото културно минато и дека на ова пространство опстојуваме во синергија со античките грци (или варвари) и потоа дојдените словенски племиња. 

3. Претседателот Глигоров јасно ја гледаше опасноста од антиквизацијата, па уште 1993 година, во Обединетите нации, меѓу другото рече дека “ние сме словенски народ, со словенска култура и јазик“. Ја кажа вистината, но и пројави намера, состојбите со Грција да се нормализираат. До тоа не дојде. Веднаш по 2008 година почнаа историско археолошки баханалии за тоа кои сме ние, дека воопшто “не сме словени“, дека глупост било нашето доаѓање од “зад Карпатите“, дека не сме азијати како “некои таму бугари“, туку сме овдешен, домороден народ кој “дал други народи“ и слично. Сиот тој квазиинтелектуализам или “нарачана историја“ визуелно се вообличи со гротеската “Скопје 2014“, за до денешен ден да се водат јалови дискусии по научни теми, за кои европската и светската наука веќе одамна имаат свои позиции и мислења. Од друга страна, грчката политика и наука внимателно ја следеја состојбата со развојот на “македонската античка нација“, ја разбраа опасноста за нив и ставаа редовни препреки во решавањето проблемот со името. Така е и до денешен ден, дури и по потпишувањето на Преспанскиот договор. Грчката дипломатија има долги традиции и тие добро ја препознаа опасноста за нивниот идентитет од нашата “античка нација“. Нам конечно ни остана само флоскулата која често ја употребуваме – “нас сите не мразат и ни завидуваат“. 

4. Прашањето со Бугарија, дали ние сме сме дел од бугарскиот народ кој во последниве години формирал сопствена нација и јазик, како што таму се тврдеше, или дали сме ние македонци со вековна историја и сопствена култура и вековен јазик, како што јавно се говореше овде, навидум изгледаше лесно за решавање. Односите беа релативно коректни, бугарската држава помагаше со енергенси и оружје во критичи ситуации за Македонија, а бугарската дипломатија насекаде ги застапуваше македонските интереси во однос на признавањето на државата. Јалови беа укажувањата на македонските бугари дека не им се почитуваат правата, дека македонската наука, а најмногу политиката,  присвојуваат делови од бугарската историја во Македонија и слични пројави. Определени институции како Македонскиот научен институт и БАН имаа свои укажувања, бугарските институции и министерства функционираа во тој тон, но за обичниот бугарски човек ние бевме еднородни браќа и со изразот “братко“ обичниот бугарин сметаше дека сите проблеми се решени. Ние не се познававме. Тие не разбраа дека генерации македонци се воспитувани во српски дух, во антибугаризам и дека нам, на србизираните македонци изразот “братко“ ништо не ни значи. Нештата го добија правилниот тек кога Бугарија разбра, дека формираната македонска нација е базирана на открадната историја од средновековието до денес, на ординиран антибугаризам и омраза кон сѐ бугарско, за конечно да се стреснат кога македонците посегнаа на Прличев, Џинот и на целата бугарска Преродба (В’зраждане). Во изјавите на македонски историчари и академици, дека борбата против Фанар за “сопствена“ црква, е почеток на возобновување на Охридската архиепископија како македонска национална црква, Бугарија препозна дека тоа е насилие врз основите на бугарскиот идентитет во Македонија. Тоа беше почеток на крајот на “добрите“ односи. Посетата на бугарските здруженија од Македонија на претседателот Радев и на бугарските институции, само ја вообличи борбата за “човекови права“, единственото кое Европа го разбра и прифати. Денес, ниту еден европски и светски интелектуалец или политичар не може да ја прифати и разбере изјавата на македонскиот премиер Мицкоски, “додека ЈАС сум премиер, бугарите нема да влезат во македонскиот Устав“. Договорот за добрососедство со Бугарија и двата Протоколи се само сведоштво на добрата волја на поголемиот дел од народот на Бугарија и Македонија за решавање на проблемот, како и добрата волја на политичарите во тој миг – Заев, Борисов; Радев, Пендаровски. Србоманскиот дух во Македонија и влијанието на Белград и Москва, сите бугарски (па и некои македонски) напори за решавање на проблемот, ги прават јалови. 

5. АСНОМ 1944 година е највисокиот дострел на македонистичкиот дух. Иако по својата суштина тој (АСНОМ) е длабоко антибугарски, за македонскиот народ носи огромни придобивки. За прв пат во својата историја македонецот добива документ во кој така се нарекува, го добива правото на македонски јазик, на сопствена територија и на релативно нејасно призната државност, како федерална единка на ФНР Југославија. Простачко (ама длабоко точно) е тврдењето дека Тито ни даде држава, нација и јазик, па до денешен ден, останува нејасно зошто македонците не се придржуваат за асномските позиции ами се бараат себе сѝ длабоко во Антиката или Средновековието. Култот кон личноста на Тито опстана и покрај обвинувањата за тиранија и крвопролевања на противниците, ама за чудо, култот на АСНОМ се загуби некаде во нашите антички амбиции. Прашање е дали воопшто некогаш и го имало. 

6. Кај еден дел од македонските интелектуалци денес може да се чуе дека АСНОМ е институција родена со “фабричка грешка“. Уште од почетокот владеат разногласија по однос на националното прашање на македонците од цела географска Македонија, се бара проширување на Македонија во замислените географски граници на грчка и бугарска територија, што е во разрез со политиката на Тито (па и Сталин) по 1948 година и веднаш предизвикува жестоки реакции. Воедно се спроведува и своевидна национална демократија. Така, сите албанци, турци, срби, власи, роми и други си остануваат со правото да се самодекларираат така, само македонските бугари се задолжени да се декларираат како македонци. Таа извртена национална логика трае до денешен ден. 

Повеќето од половината членови на АСНОМ ја доживуваат својата трагична политичка но и животна судбина уште во првите години на Информбирото. Оние кои остануваат, извесен период функционираат во србизираниот свет на Лазо Колишевски, за потоа и тие тивко да бидат тргнати на страна и повикувани само како “статисти“ на партиски прослави. Така, АСНОМ умира тивко и безгласно, заборавен и напуштен од сите. 

Дали “нас сите не мразат“? Тоа е невозможно. Нас не мразат само оние кои ни ја одзедоа демократијата и ја претворија во интерес на Белград и интересите на српскиот монархофашизам, обединет со Титовиот болшевизам. Се мразиме ние самите, со безпоговорната послушност кон Белград и летаргијата на народ кој заборавил на демократијата. 

Затоа нашата потрага по идентитетот сеуште трае, заканувајќи се да стане вечна тема на нашето битисување.  

Слични Објави