ПОВЕЌЕ АМЕРИКАНЦИ ПОЧИНАЛЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ ОТКОЛКУ ШТО БИЛЕ УБИЕНИ ВО ВОЈНАТА ВО ВИЕТНАМ
Бројот на починати Американци од пандемијата на коронавирусот денеска надмина 59.220 лица, со што се надминува бројот на убиени Американци за време на војната во Виетнам, а бројот на заразени со Ковид-19 во земјата надмина еден милион.
Официјално потврдениот број на заразени лица во САД е двојно зголемен во последните 18 дена и сега претставува една третина од сите случаи на заразени со Ковид-19 во целиот свет, покажуваат податоците што ги објави „Ројтерс“.
Се верува дека вистинскиот број на заразени е уште поголем бидејќи здравствените работници предупредуваат дека капацитетот за тестирање е недоволен поради недостиг на квалификувани луѓе и опрема.
Речиси 30 проценти од случаите се забележани во државата Њујорк, епицентарот на епидемијата во Соединетите Американски Држави, а потоа следуваат Њу Џерси, Масачусетс, Калифорнија и Пенсилванија.
Приближно 3 милиони луѓе се заразени во светот. Најмногу случаи на заболени од Ковид-19 има во САД по што следвуваат Италија, Шпанија и Франција.
Шпанија, Белгија, Швајцарија и Италија имаат највисоки стапки на зараза на жител, а Соединетите Американски Држави се на петтото место.
Извор: Макфакс
