|

Повторно одложено рочиштето за случајот со Јилдз Веапоска во Струга

Денешното судско рочиште во Основниот суд Струга за случајот со родилката Јилдз Веапоска повторно беше одложено, овој пат поради барање на одбраната за изземање на судечкиот судија Јордан Јованов.

Адвокатот на гинекологот Мухамед Асани, Игор Петкоски, побара извештајот од супервештачењето да биде презентиран од тројцата супервештаци, но најпрво да биде испрашана гинекологот Тања Гуржанова. Откако барањето му беше одбиено, тој побара изземање на судијата, најавувајќи дека ќе бара изземање и на претседателите на судовите во Струга и Битола, за предметот да оди во Врховниот суд.

Јавната обвинителка Ермира Муса-Нура оцени дека исказот на двајцата присутни супервештаци е доволен и се спротивстави на барањето за изземање.

Родилката Веапоска, на која по породување со царски рез ѝ биле отстранети матка, јајник и бубрег, излезе разочарана од судницата, велејќи дека нема сила и доверба во правосудниот систем.

Нејзиниот адвокат Сашо Јанев смета дека одбраната со вакви потези се обидува да го одолговлекува процесот до негово застарување, но изрази надеж дека судот ќе донесе брза и осудителна пресуда.

Процесот против тројцата лекари – Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска – трае речиси три години и веќе трипати почнуваше од почеток. Делото застарува на почетокот од идната година.

Слични Објави