| |

Пожарникари во Бугарија сведочат за драматичните моменти по двете верижни несреќи на автопатот „Тракија“

Пожарникарите кои први пристигнале на местото на двете тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“, во близина на Јамбол во Бугарија, сведочат за хаос, повици за помош и десетици уништени автомобили. Во несреќите што се случија на 10 ноември загинаа 11 лица.

„Кога пристигнавме, глетката беше ужасна – пискотници, повици и вресоци. Не можам со зборови да го опишам она што го видовме“, изјави инспекторот Станчо Нанков од Регионалната дирекција за противпожарна безбедност во Јамбол.

Според него, спасувачките екипи морале да отстранат дел од заштитната ограда за да стигнат до оштетените возила. Дел од пожарникарите ги гаснеле запалените автомобили, додека другите ги извлекувале повредените кои останале заглавени во возилата.

Пожарникарот Валери Славов изјави дека спасувачите ги извлекувале повредените од смачканите автомобили и ги предавале на екипите на итната медицинска помош. Потоа ги проверувале сите возила за да утврдат дали има други заглавени лица.

„Најважно е да нема страв и паника меѓу нас, пожарникарите. Ние сме таму за да ја завршиме нашата работа. Направивме сè што беше во наша моќ“, истакна Нанков, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите.

Во спасувачката акција учествувале стотици пожарникари и полицајци од повеќе области, како и десетици припадници на вооружените сили и доброволци на Бугарскиот Црвен крст.

Според пожарникарите, и покрај трауматичното искуство, повторно би ја избрале истата професија, бидејќи ја сметаат за повик за помагање на луѓето.

Слични Објави