ПРЕМИЕРНА ИЗВЕДБА НА СИМФОНИЈАТА „ЛОС АНЏЕЛЕС“ ОД АРВО ПЕРТ СО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Истакнато Култура

„Ангелите и градот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 7 февруари (четврток) во 20 часот. За првпат на македонската музичка сцена, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе раскошната Симфонија бр. 4 „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи композитори, Арво Перт.

Диригент на концертот е етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен. Покрај делото на Перт, на концертот ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитриј Шостакович, како и Концерт за мала флејта во C-dur од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во g-moll од Јохан Себастијан Бах, каде како солист ќе се претстави извонредната уметница на барокна флејта, Луси Хорш од Холандија.

Симфонија бр. 4 на Арво Перт насловена „Лос Анџелес“ се смета за едно од најволшебните дела со кое може еден град да се гордее. Таа е духовен портрет на овој т.н. град на ангелите, која поседува раскошна убавина. Естонскиот композитор Арво Перт (1935) е еден од најизведуваните живи современи автори кој создаде магија од сплет на класичната и духовната музика, кој ги разби постоечките контури на компонирање видени низ разновидните експерименти на останатите композитори од 20 век, кој направи и разви своја техника наречена „тинтинабули“, кој е силно инспириран од грегоријанските црковни песни, и кој на минималистичкиот музички израз му даде нова димензија.