| |

Премолчена објективизација, за очекувана ескалација?

Facebook статус на Никица Корубин

Ако се следат само известувањата во македонските медиуми и огласувањата на јавните функционери, не е баш најјасно каде, што и зошто се случи флагрантниот терористички напад, во селото Бањска во северниот дел на Косово. Затоа што ваква јасна квалификација, каков што впрочем беше кристално јасен и настанот, ниту слушнавме, ниту прочитавме. Не верувам дека постои доволно добар “политички коректен говор” или “информирање базирано на факти”, минимумот на кои мора да почиваат и официјалните изјави од една страна на носителите на највисоки државни функции, но и медиумското известување од друга страна, за оправдување на “нашминканите и автоцензурирани изјави”. Затоа што ниту едното, а особено ниту другото не постои за гола (пристрасна) пропаганда, зарем не?

И ако манипулацијата стана секојдневна пракса, овој пат обилно помогната и со релативизацијата, која во конкретниов очигледен случај, одигра и поголема улога; каква пракса е “навестувањето” на потенцијалниот страв? Иако, ниту тој не отсуствувa многу во јавниот говор, изминативе години, но секогаш доаѓа во апстрактна форма на “фобии, идентитет и загрозеност на истиот”; овој пат стравот беше презентиран како реален и опиплив: “не е загрозена безбедноста на државата”. Засега.

И можеби и не би било нималку чудна, ваквата квалификација, кога се случува терористички чин во нашето непосредно соседство, кој заврши како изолиран случај; доколку беше именуван како таков, доколку и самите како држава до сега имавме јасен (или некаков став) во однос на непризнавањето на независноста на Косово од страна на Србија, чие одбивање да се стори е всушност и генераторот на сите сегашни и потенцијални идни кризи.

И тука доаѓаме до најинтересниот момент, ако го исклучиме се разбира “држењето јасна страна” во спорот, кој варира и доаѓа во безброј нијанси, од употреба на непостоечки регионален назив, наместо именување на држава Косово, “Косово и Метохија”, преку внимателно прескокнување на давање поддршка на официјалните косовски институции, кои впрочем и се надлежни; до цитирање и црпење на информации од непроверени извори и српско/режимски медиуми. Која тогаш беше всушност пораката која требаше да се испрати до македонските граѓани, со ваквото “комуницирање со јавноста?

Дека Косово, и покрај тоа што постои како држава со сопствени институции, и е патем речено признато и од нашата држава е всушност “покраината Косово и Метохија, дел од Србија”?

Дека “жртвите се Србите”, а агресорите се “Албанците”, дури и кога Косово го брани интегритетот и безбедноста на државата?

Дека “Курти е крив за се”, а нашата (премолечена) вистина, форсирана во јавниот дискурс е всушност јасно (колку што е можно) завземање “просрпска” страна?

Но, која е очигледната аномалија? Па, “стравот” од почетокот, стравот за безбедноста на нашата држава, за кој мора официјалните лица да не уверуваат дека е загарантиран. Засега. А, како и би бил воопшто нарушен? Односно, како би “се прелеала” кризата кај нас, кога нели тоа е криза на “северот на Косово” од “неформирањето на Заедницата на српски општини и инаетот на Албин Курти”? Па, како ова локално прашање, ќе стане регионално, па ќе не “закачи” и нас? Преку “локалното српско население” кое се вооружило како за цела војска, која и немала намера да запре во границите на “светата манастирска земја” во која упаднале како верници претпоставувам?

Или преку нешто што требало да следи, некаква “ескалација”, за која сега се бара “деескалација”, а која ги надминува границите, само на Бањска и Косово? И дали таа ескалација е всушност тука, целото време, во регионот и кај соседот, преку јавниот говор, постапките и прославите, хушкањето и патронизирањето, одбивањето да се прифати реалноста, сигурни во “заштитениот третман” што константно го добиваат, во обидот да се удоволи “регионалната сила”. Таа ли ескалација е проблем? Епа тогаш така и нека се именува очигледното.

Нека се објективизира проблемот, во кој не само што сакаат да не’ вовлечат, туку ние и мазохистички сами се “нудиме”. А, тоа е веќе причина за сериозен страв и проблем. Сите стравови водат кон главниот креатор на “стравовите/фобиите”. А, за стравот има само еден одговор. Разум и логика. Значи, што е всушност нелогичното во целата ситуација? Ако, веќе сме решени да завземаме страна, да не ја “промашивме” страната, случајно? За почеток нема да ни’ дојде лошо една, единствена страна. Страната на вистината.

Слични Објави