ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ПРИРЕДИ ИФТАРСКА ВЕЧЕРА
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.
Претседателот Иванов на присутните гости и на сите припадници на исламската вероисповед им ги честита рамазанските пости и светиот месец Рамазан кои ги негуваат вредностите кои ги зближуваат и ги поврзуваат луѓето меѓу себе.
„Ова се денови кога треба да се укаже чест и внимание, кога треба да се негуваат обичаите на нашата специфична македонска култура на традиција и соживот”, рече претседателот Иванов во своето обраќање.
Македонскиот претседател истакна дека постот не е само откажување од храна, туку дека е и момент на почит на својата религија, на своето семејство, на своите ближни, воедно посакувајќи им на присутните многу радост, здравје, среќа и бериќет.
„Ви посакувам вам и на вашите семејства, на вашите ближни да ги пренесете сите пораки на љубов, на солидарност и почит. Да се почитуваме затоа што од почитта извира сето она што нè држи заедно”, порача претседателот Иванов.
На ифтарската вечера присуствуваа претставници на јавниот живот, дипломати, бизнисмени, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија од Република Македонија.