Претставување на македонската литература во Москва

На 19-ти април (четврток) во Москва, во Државната установа Московски дом на националностите, во рамките на проектот „Читај ја Македонија!”, во организација на Олга Панкина, а поддржан од Министерството за култура на РМ, ќе се одржи тркалезна маса на која ќе учествуваат писатели, преведувачи, истражувачи на литературата, издавачи, професори и студенти кои изучуваат словенски јазици.

Во рамки на програмата ќе се одржи разговор на тема „Книжевниот превод како мост меѓу културите“ а ќе биде презентиран и портрет на академик Милан Ѓурчинов, историчар на литературата, критичар и антологичар, познавач и толкувач на руската литература, по повод 90-годишнината од неговото раѓање.

На манифестацијата ќе бидат претставени и најновите преводи на руски јазик на дела од македонски писатели објавени од издавачките куќи Центар за книга „Рудомино“,„Центрполиграф”, „У Никитских ворот”, Институт за славистика на РАН, како и во списаниjата „Иностранаја литература”, „Сегашно време”, „Великорос”, „Пливачки мост”.

На 23 април пак, во Серуската државна библиотека за странска литература, во соработка со Центарот за словенски култури ќе се одржи Ден на македонската книга на руски, ќе биде отворена изложба на книги од македонските автори на македонски и на руски, а предвиден е и разговор со писателката Лидија Димковска.



Слични Објави