ПРИКАЗНА ЗА ЗАБОРАВЕНИОТ МАКЕДОНЕЦ АСПАРУХ

На 11-ти Октомври во Прилеп и Куманово пукнаа првите пушки. Така почна отпорот против бугарскиот фашистички окупатор. Тоа е отприлика тоа што се учи за 11ти Октомври во училиштата.

loading...

Сите како папагали го знаеме напамет тоа за првите пушки во Прилеп и Куманово. Тоа е тоа што уште како од дете ми е вгнездено во главата, а деталите се сосема непознати. Еден таков значаен настан кој според властите има толкаво значење да биде државен празник, а толку многу непознаници околу него. Ниту се спомнува зошто баш тој ден, каков бил нападот, кој го организирал, кој го извел, баш ништо немаме. Само знаеме дека тогаш пукнале првите пушки, почна отпорот, дојдоа партизаните и заврши со АСНОМ. Приказната е таа,а мене лично до пред некоја година воопшто и не ми беше напамет да го преиспитам тој важен настан.

Востанието во Македонија е интересно од повеќе причини. Не пример, од сите народни востанија во бившите ју-републики македонското штрчи како последно. Истото е дигнато цели 6 месеци после „окупацијата“ и 3 и пол месеци после инвазијата на СССР, имено тоа е и реалниот повод за востанијата водени од страна на комунистичкото движење во Југославија. Сите други востанија се случиле во месец јули, во рок од месец дена по операцијата „Барбароса“ која што започна на 22 јуни 1941, a само македонското е во октомври. Зошто е тоа така? Дали да се смали значењето на акциите превземени од страна на „стариот бугарин“ Шарло како што се саботажите на рудникот Радуша, аеродромот Петровец или убиениот стражар кај Богомила? Или дека можеби во Македонија поради симпатии кон окупаторот и слабото комунистичко движење со доцнење се прават услови за поорганизиран отпор? Веројатно вистината е некаде на пола пат, но сепак е интересно како тоа Македонија доцни со месеци зад остатокот од Југославија во својата борба за ослободување.

Друга работа која што е интересна e како тоа никогаш не научивме кои се хероите што ги испукаа тие први пушки во Прилеп и Куманово на тој судбоносен 11.10.1941 година? Човек би очекувал почетокот на востанието на памет да ги знаеме, ако не сите учесници, барем командантите на одредените секции. Дали можеби дека единствениот паднат окупатор тој ден е смилевчанецот, татко на 3 деца и роднина на Даме Груев, Петар Колев? Дали можеби затоа што акцијата е пред се симболична и ја следуваат месеци неактивност? Можеби причината е пак затоа што извршителите на акцијата се „недостојни“ и неподобни? Имено првиот куршум го испукал осудуван криминалец, корумпиран милиционер, роден во Србија со потекло од докажано србоманско семејство. Душко Наумовски го испука првиот куршум, а за време на својот живот не доби ниту партизанска споменица. Душко за убиството на полицаецот Колев од бугарските власти добива „драконска“ казна од 6,5 години, а бил ослободен после само 3 години одлежани.

Командантот на акцијата пак, има едно не толку звучно име кое за просечниот македонски граѓанин ќе штрчи како прст во око. Тоа е другарот Асапарух Јосифоски, брат на подобро познатиот Кузман. Имењакот на прабугарскиот кан и основач на Првата бугарска држава е човекот кој што ги предводи една од групите во Прилеп тој ден. Неговата слабо достапна биографија кажува дека едвај го завршил своето освновно образование, целата војна ја поминал во затвор во Бугарија, а 20 години после војната се пензионирал со чин на полициски мајор. И Душко и Аспарух не поминуваат лошо во своите повоени животи. Едниот и покрај своето криминално досие е директор на театар, a другиот висок полициски службеник, но нашата историографија сепак одлучила да ги фрли на маргините и да ги заборави. Зошто, тоа само тие самите си знаат, а го знаеле и луѓето кои ги раководеле во повоената Социјалистичка Република Македонија.

Трета работа која што никој не нѐ учи е откако се дигнало востанието, што се случило потоа? За Илинденското знаеме дека се ослободени Крушево, Невеска, Клисура, се напаѓа Смилево, се прогласува Крушевска Република, имаме слободна територија, востанието е нешто што е опипливо и создава слободни зони. Слично е со Разловечкото и Кресненското востанија. Антифашистичкото востание каде оди после прилепската акција? Која е слободната зона, каде е организирана народна власт, кои се следните чекори на востаниците? 11 Октромври 1941 не ни нуди ништо од тоа. Реалноста е сепак дека тоа е една акција која што освен смилевската вдовица и сирачиња има направено ситна материјална штета на полицискиот участок. „Востанието“ е сведено на 2 изолирани инцидента после кои групите се брзо разбиени и учесниците упасени еден по еден после која следат месеци неактивност.

Како и да е останува фактот дека повеќе од 70 години овој ден се празнува како ден на анитфашистичкото востание во Република Македонија. Тоа сигурно нема да се промени, ниту пак имам цел да го менувам тоа. Сепак важно е да се преиспитува историјата и да се знае што навистина се случило. Посебно е важно да се преиспитува истоијата пишувана во услови на тоталитаризам за не да робуваме на едните исти папагалски фрази и митови за општонародно востание и првите пушки. Многу е важно да ги знаеме фактите за не да ни дојдат како ладен туш и да се примаат со шок и неверица историските факти кога ќе ни ги презентираат од надвор.



loading...

Автор: Маузер