ЕКОНОМСКА ПРОГРАМА НА ПАРТИЈАТА „VOX” ЗА ШПАНСКИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2019.

Во името на Конзерватив МК, како дел од партнерството каде членува и политичката сила Вокс од Шпанија, ви ја претставувам економска програма на Вокс изработена за шпанските парламентарни избори, кои ќе се одржат на 28. април 2019 година.

Економската програма на шпанската партија Вокс предвидува остварување различни цели, меѓу кои две фундаментални: драстично намалување на јавната потрошувачка (преку оваа мерка се предвидува намалување на јавната потрошувачка за 24 милијарди евра) и намалувањето на постоечките даноци заедно со укинувањето на данокот на имот и данокот за наследство и подарок. Плаќањето данок на персонален доход би требало да падне на 20% за доход до 60.000 евра годишно, а 30% данок ќе се плаќа за доход од над 60.000 евра годишно. За сите компании, исто така, се предвидува 20% годишно плаќање данок на добивка. Ова претставува драстичен пад на даночната стапка во споредба со досегашните законски уредби. Моменталните стапки на персонален данок на доход за 2019 година се следните:

  • Над 12.450 евра: 19%
  • Од 12.450 до 20.200 евра: 24%
  • Од 20.200 до 35.200 евра: 30%
  • Од 35.200 до 60.000 евра: 37%
  • Над 60.000 евра: 45%

Сосема е јасно дека оваа мерка ќе предизвика драстичен пад на даноците на секое општествено ниво, што, всушност, би им помогнало граѓаните вистински да ја почувствуваат придобивката од својата работа, овозможувајќи им во исто време да заштедат, а на тој начин во иднина истите би можеле полесно да инвестираат и креираат свои бизниси. Придобивките за целата шпанска нација се очигледни.

Партијата Вокс е првата која се осмелува да постави цел со која ќе го регулира правото на штрајк, коешто ниту една од досегашните влади не успеа да го спроведе уште од донесувањето на Кралската уредба во далечната 1977 година. Според ова, се предвидува дека за повик на штрајк ќе биде потребно мнозинство гласови и тајно гласање на работниците во одреден сектор, на пример, индустрија или одредено претпријатие, а на работниците кои не сакаат да заземат учество во штрајкот, според одредбите на правото на штрајк, ќе им биде дзоволено да продолжат со својата работа и ќе бидат заштитени со сите права. Дополнително, комитетот кој ќе организира штрајк ќе биде одговорен пред надлежниот суд за секоја физичка и материјална штета сторена за време на штрајкот.

Партијата смета дека од суштинско значење е и приватизацијата на сите регионални и локални телевизии, бидејќи „јавната служба е таа која создава оружје за идеолошка дисеминација (како што е примерот со ТВ3 или Канал Сур)“ или, пак, доколку не е можна приватизација на одреден медиум, таа предлага затворање на истиот. Познати ни се проблемите со јавната служба и телевизии и во Македонија.

Една од многуте идеи и цели на Вокс е и елиминирањето одреден дел од досегашните субвенции. Имено, Вокс се стреми на тој начин да ја исклучи помошта и субвенциите кои ги добиваат политичките партии, синдикатите и работодавачите; да го намали трошењето за време на изборните кампањи; и да ги рационализира трошоците за одржување автономни агенции и социјално осигурување. Со спроведувањето на овие мерки се очекува заштеда од 800 милиони евра.

Пензиите отсекогаш биле чувствителна тема, но сепак и за нив се потребни одредени регулативи, а во врска со тоа Вокс во Програмата вклучува сопствена стратегија. Според нив, а од практични примери режимот на дистрибуција во Шпанија е „опасна шема на Понци чие крштевање им додели благородно и двосмислено име на меѓугенерациска солидарност“. Во систем на капитализација, сличен на оној на Обединетото Кралство, работникот задолжително ги вложува придонесите на лична сметка, која се чува во субјекти создадени токму за оваа намена. Така пензиите, кои во иднина би биле доделени на поединци, коишто го користеле овој систем на капитализација, би биле распределени без плаќање персонален данок, од причина што тоа е единствено праведно кон тие што работеле и придонесувале за државата целиот живот, наспроти тоа што во моментот во Шпанија сите пензии се оданочуваат. Овие придонеси би сочинувале 50% од вкупната уплата на секој поединец, а останатите 50% класичен дистрибутивен систем. Од таа причина, оние над 45 години ќе останат во дистрибутивниот систем; на работниците на возраст помеѓу 25 и 45 години ќе им биде дадено право на избор; а оние под 25 години ќе бидат директно вклучени во новиот модел.

Како што е веќе познато, Шпанија се состои од автономни региони и два автономни града на северот на Африка. Еден од плановите и целите на Вокс е да ги намали средствата што се наплаќаат за регионалниот и локалниот систем на финансирање на овие региони за да се постигне намалување на регионалните трошоци, преку спроведување план за рационализација.

Исто така, во врска со социјалните политики, Програмата на Вокс ветува намалување на дополнителните трошоци за државните агенции, за субвенциите за транспорт, за курсевите за обука, за здравствената заштита на нелегалните имигранти итн. Но, ќе биде спроведена партиципација од јавната каса за легални имигранти со престој помал од пет години.

Намалување на трошоците за вработувањето по договор на дело, постепено намалување на придонесите за социјално осигурување, со цел да се достигне просекот во ЕУ е една од многуте цели предвидени со Програмата на партијата. Со оваа иницијатива се предвидува намалување на даночното оптоварување, со други зборови, постигнување пропорционална разлика помеѓу трошоците што работникот ги генерира на својот работодавец и нето приходот што го добива работникот.

Програмата го бодри и поттикнува одржувањето на економски одржливите нуклеарни централи и енергетски објекти, кога нивната продолжена активност не предизвикува значително дополнителни инвестиции. Покрај тоа, се предлага и значително инвестирање во конкурентни обновливи технологии (фотоволтаични и ветерни).

Вокс ќе се залага и за спроведување стратегија за јавните претпријатија, која предвидува постепено затворање или продажба на јавните претпријатија кои генерираат загуби, бидејќи веруваат дека таквите претпријатија создаваат непотребно трошење на државните ресурси од економска и финансиска гледна точка, а чија општествена цел е непотребна или не дава резултати.

Многуцелната Програма на Вокс налага регулативи во работниот однос, т.е. на поединечните работници треба да им се овозможи прекинување било каков договор и воедно постигнување согласност и од работодавачите за надоместоците и условите за работа на работникот. Во врска со тоа, Вокс предлага елиминирање на колективните договори веднаш откако нивниот рок на важење ќе истече и не се постигне нов договор во рамки од една година.

Неизбежно е да се напомене дека Програмата вклучува и план за поддршка за реновирање на возниот парк со ниски емисии за целата нација. Тие ќе промовираат замена на возила постари од 12 години со возила кои помалку емитуваат штетни гасови, вклучувајќи било каков вид погон.

Од досегашните примери, согледуваме дека политика на шпанската партија е добар пример за можна политика и во нашата држава. Можеби не се сите цели на оваа програма добри или прилагодливи во нашите простори, но и покрај тоа, факт е дека на Македонецот му се потребни социјална и економска слобода и токму поради тоа, можеби веќе е време некоја политичка структура после долги години, да започне со застапување и спроведување на вакви или слични идеи. Според моето мислење, потребно е итно отпочнување со намалувањето на јавната потрошувачка, која во голем дел е непотребна, дури и необјаснива. Корупцијата и некоректното користење на јавните средства е најголемиот македонски непријател.Граѓаните веќе со години, речиси и ги немаат видено придобивките од плаќањето даноци и токму поради тоа драстично намалување и контрола на јавната потрошувачка треба да се спроведе како за централната влада така и за локалната самоуправа. Потоа, предлагам увид и намалување на плаќањето ДДВ за некои специфични продукти и услуги, на пример, за одредени продукти и лекови наменети за деца и за крај, предлагам реформирање на пензискиот фонд, како еден од најчуствителните сектори во секоја држава. Нормално, овие чекори би биле само почеток на економската трансформација во нашата држава. Се надевам дека на тој начин ќе дојде денот кога ќе покажеме самопочит, односно власта ќе покаже почит кон својот народ и ќе води сметка за парите на граѓаните, бидејќи тие се токму тоа – пари на граѓаните, а не нивна сопственост!

Автор:
Александар Богоевски
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК / Conservative.MK