|

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележува 68 години постоење

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечерва со изведбата на веќе култната претстава „Од кол на кол“ во режија на Коле Ангеловски ќе одбележи 68 години  од своето формирање.

Завесата на театарот првпат се кренала на 18-ти февруари 1950-та година со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Како што информираат од Прилепскиот театар, во 68-те години биле изведени над 370 премиери, одиграни над 7.500 претстави кои ги гледале преку 1 милион и 600 илјади љубители на театарската уметност.

Прилепскиот театар најголемите успеси ги постигна со претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режијана Мартин Кочовски, со која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ ,,Војдан Чернодрински“.

Театарот во земјава сѐ уште го има приматот на куќа во која се поставуваат праизведби на текстови од македонски драмски автори. Ансамблот брои 18 актери, а моментно на репертоарот се три претстави: „Клетници“ од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски, „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски и “Хроника на еден сон“ од Ивана Нелковска, во режија на Ивана Ангеловска.

Слични Објави