ПРОБЛЕМИТЕ ОКОЛУ ПРИЗНАВАЊЕТО НА ВИСТИНАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Минатава недела имавме навистина една интересна ситуација. Една колумна, што како никоја до сега ја запали во целост македонската јавност. Верувам сите знаете за која колумна се работи и за кој автор станува збор. Професорот Малески сподели една „контроверзна“ мисла дека некогаш во минатото сме биле еден народ со Бугарите, што за било кој реален познавач на материјата не би требало да му биде воопшто контроверзно.
Поранешниот министер за надворешни работи пушти еден пробен балон, со цел да се опипа пулсот на народот и да се припреми за најверојатното решение на бугарско-македонскот спор. Накратко, Малески кажа дека Бугарите ќе мора да се соочат со сегашноста, а Македонците со минатото. Ништо што би требало да предизвика илјадници коментари по социјалните мрежи, изјави од самиот политички врв во Македонија, 5-6 специјално посветени емисии на темата и канонада од клетви и секрети кон личноста и семејството на професорот Малески. Интересно е како само жестоко реагира македонската јавност кога во прашање е Бугарија. Не памтам дека имаше така жестоки реакции кога членка на извршниот комитет на најголемата опозициона партија кажа дека треба да почнеме да размислуваме за активација на вториот дел од референдумското прашње во 1991 со кое би ни се овозможило спојување со други земји од бивша Југославија (во случајов Србија). Еден поранешен функционер во залезот на својот живот пишал како некогаш во минатото сме биле еден народ со некој друг, а сегашен висок функционер на најголемата политичка партија во државата кажува дека треба да престане да постои државата и да се спои кон некоја друга. Разлика во реакциите кои ги предизвикаа едниот и другиот се како небо и земја. Ама што се прави, сепак мора заби да се покажат кон фашистите татари.
Проблемот е во тоа што Денко ја кажа вистината. Комунистичката пропаганда на исмевање на Бугарите со децении направи така, на денешниот Македонец да му е непоимливо дека сме биле блиски со Бугарите,а камо ли дека некогаш Македонците себе си се сметале за Бугари. Но и покрај се тоа останува така и колку да сакаме да го негираме – тоа е вистината. Минатото не може да се промени и фалсификатите каде што Бугарин се прешкртуваше за да се запише Македонец не можат да го сменат тоа.
Проблем е да се признае тоа бидејќи потенцијално во целост го загрзовуа чувството на посебност на Македонецот.
Првиот комплекс е, ама што е тогаш мое? Зошто еден Македонец денес би се гордеел со Бугаринот Гоце кога тој не е само негов? Како тоа Бугарите да имаат толку многу личности само нивни,а ние и тие малку наши да мора со нив да ги делиме?
Другиот комплекс е, дека ние сме помлади од сите? Ако е нашата нација формирана тек пред 70-80 години, тогаш значи на нашата територија сите имаат поголемо право и ќе мора секогаш да ги “слушаме постарите“. По некоја си балканска логика,чим е понова и помлада нацијата, автоматски е помалку вредна.
Третиот комплекс е зошто воопшто и постоиме? Ако сме биле бугари зошто веќе не сме? Која е потребата од посебна национална држава? Зошто по логиката на сите балкански националисти не би се бореле за обединување со Бугарија? Ако некогаш не спречувала Југославија и светската политика, сега нема такви пречки? Која е поентата на Македонија тогаш?
Сите овие тешки прашања бараат големо преиспитување на тоа што значи да се биде Македонец. Многу е полесно да се забие главата како ној во песок и да се преправаме дека се тоа е некоја бугарска подвала да не асимилираат нас Македонците како што правеле веќе стотици години наназад. За жал не е и заради нас самите ќе биде најдобро да се соочиме со тие вистини и да изградиме многу силен национален идентитет кој што ќе се темели на историски вистини. Ако признаеме дека нашата нација е еден век стара тоа нема да ја прави помалку вредна. Дали Австријците се помалку вредни од германците? Американците помалку вредни ли се од Британците? Не, не се и никој не му дава на никого за право да му каже на австријанецот дека е германец со испран мозок.
Македонската нација е продукт на приликите кои се појавија во почетокот на 20тиот век. Македонските Бугари отсекогаш имале свој силен регионален идендитет кои ги разликувал од останатите. Кога остатокот од Бугарите на балканот во најголем дел се обединиле со Бугарија, на македонските Бугари таа можност им била ускратена од големите сили. Тие тогаш решиле да водат една своја борба за автонимија заедно со Одринско. Автономија која што надежно ќе доведе,но и не мора да доведе до обединување со Бугарија. Таа борба после поразите во двете Балкански војни и Првата светска војна преоѓа и во боба за целосна независност. Сите војни и речиси 70 години непрекинато насилство доведоа до идеја за независност и држава која ќе се градат врз принципите на самоопределување на народите во Македонија. Тоа значи слобода на сите народи кои жиевеат во Македонија. Слобода да бидат управувани од самите и да може секој од народите во Македонија во целост да си ја ужива својата културна слобода и конечно Македонија како територија и нејзиното население да фатат приклучок кон сите современи текови во Европа. Тоа воопшто не го прави тој национален идентитет помалку вреден или ништожен. Само фалсификувањето на историските факти може да го направат таков.
Факт е дека Гоце Делчев и Крсте Мисирков се декларирале како Бугари. Не само по документи како што е омиленото објаснување тука, туку во своите статии и во своите лични писма и комуникација. Факт е исто дека поради сите прилики од 19 и 20 век македонската нација и јазик денес се реалност. Веќе имаме барем 4 генерации кои се идентификувале и идендификуваат како Македонци кои зборуваат македонски јазик и Бугарија,а ни никој друг нема право да го оспорува тоа. Како што Македонија мора да се фати во коштец со минатото, така и Бугарија мора да се соочи со сегашнота и да сфати дека блокадите не можат да ја сменат таа денешна реалност. Блокадите само ја оддалечуваат уште повеќе од Македонија што оди во прилог на тие кои што не им мислат добро и на едните и на другите.
Автор: Маузер
