ПРОЧКА ИЛИ ВЕЛИКИ ПОКЛАДИ

Прочка е празник кој се поврзува со  култот кон плодноста и мртвите, се изведува обредното простување и обичајот познат меѓу народот како “амкање”, како и обредите под маски. Датата на прославување на овој празник е менлива и во голема мера зависи од датата на која се прославува големиот христијански празник- Велигден, и секогаш е точно на седум недели пред празникот.

Суштината на Прочка од верски аспект, се состои од искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

На овој ден, помладиот бара од постариот прочка, проштевање или простување преку зборовите  “ прости ми” а постариот одговара со „ простено да ти е од мене и од Бога“.

Во разни региони во нашата земја, прославувањето на прочка преку обредното простување се одвива на различни начини. Некаде чинот на простувањето  со зборовите “прости ми” се изрекува три пати пред седнување на трпезата, а на други места проштевањето односно барањето прочка се одвива по ручекот или  вечерата. На трпезата, се поставува разновидна храна, се приготвува кадаиф, месени погачи, богата вечера која завршува со обредот амкање. Симболиката на богатата трпеза претставува најавување на претстојниот 48 неделен пост пред Велигден.

Покрај обредното простување, се изведува и обичајот амкање кој се слави во кругот на потесното семејство. Во минатото, обичајот се спроведувал така што варено нелупено јајце се врзувало на конопен конец и се обесувало на стапче или на сукало. Главни учесници биле децата кои седнувале крај трпезата или клечеле на колена, а некој од возрасните го нишал јајцето, доближувајќи го кон устата на секое дете, кое викало “ам, ам” и се обидувало со устата да го фати јајцето. Потоа, јајцето се кршело и највозрасниот член на семејството ја вадел варената жолчка и во половините од белката турал малку вода од која сите учесници во амкањето пиеле по некоја капка.

Во други краеви од Македонија, се врзува веќе излупено јајце и во амкањето учествуваат и возрасни и деца. Ова е чист пример за Драчево, моето родно место. Моето семејство е од малкуте семејства кои сѐ уште се придржуваат на традицијата и обичаите во денешно време. Навистина интересен и возбудлив обичај, исполнет со смеа и радости додека “амкаме” по јајцето. Се верува дека тој што ќе го фати јајцето, ќе го следи среќа во животот преку цела година.



Потоа, се пали конопен конец за да видиме каква ќе ни биде иднината. Конецот најчесто го пали најстариот член во семејството. Ако конецот гори силно и испушта искри тоа значи дека годината ќе ни биде здрава и среќна. Откако ќе завршиме со обредот, стануваме и се проштеваме едни со други.

Во Струмица, традиционално за Прочка се изведува Струмичкиот карневал, кој до 1960 година се одвивал во во домот на армасаната (свршената) девојка како дел од обредот за иницијација на идната невеста. Низ времето, односно по 1960та година, карневалот т.е.   обредот под маски ја изгубил својата првична форма на изведување со тоа што почнал да се организира на плоштадот на Струмица во кој учествувале поедицни или групи на луѓе од разни возрасти и тоа во подоцнежните часови. Од 1990 година, Струмичкиот карневал се проширил насекаде. Станал позната манифестација, која понатаму добива забавен карактер  со учество на карневалски групи и од други балкански земји. Во текот на времето, прераснал во најатрактивен и најинтересен настан со учество на карневалски групи и од други балкански земји, не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко.

Покрај Струмица, обреди со маски среќаваме во Велес и Прилеп, каде што и во двата града носат исто име- Прочкари.

Прославувањето на празниците, ги сплотува луѓето во љубов и заедништво. Иако многумина се придржуваат на ставот дека традицијата е застарена, ретроградна и треба да остане во минатото како и празниците и обичаите кои ѝ се припишуваат но јас не го поддржувам тој став затоа што, како што гледаме, начинот на  животот ни станува се побрз и понервозен, и празниците се единствените нешта што нѐ собираат заедно. Така што, среќата и убавите моменти се споделуваат со луѓе, пријатели и роднини. Затоа, простувајте, љубете и бидете среќни. Тоа е суштината на животот на луѓето на земјата.

Автор: Кристина Паскоска, етнолог

Претходна статија

ОВА Е ХИТ: „BRASS BROTHERS“ ЈА СНИМИЈА ПРВАТА АВТОРСКА ПЕСНА! (ВИДЕО)

Следна статија

ПРВОТО НЕШТО ШТО ЌЕ ГО ВИДИТЕ НА СЛИКАТА ОТКРИВА ЗОШТО СТЕ САМИ

Најново од Магазин