Продлабочувањето на европската интеграција на Бугарија минува на патот кон членство во еврозоната и Шенген
Продлабочувањето на европската интеграција на Бугарија минува на патот кон членство во еврозоната и Шенген. На тој начин Бугарија може да се позиционира како активен член на ЕУ и активно да учествува во одлуките и агендата на Европа, изјави Иван Михајлов, извршен директор на Американската трговска комора (АТК) – Бугарија, на конференцијата „Бугарија во еврозоната – што е следно за бизнисот“.
Меѓу учесниците на форумот организиран од АТК беа и заменик министерот за финансии Методи Методиев и гувернерот на БНБ Димитар Радев.
Бизнисот очекува предвидливост и тоа е порака кон идната влада, кон луѓето кои ќе бидат ангажирани во управувањето на нашата држава и економските политики, рече Михајлов.
Иван Михајлов ги истакна придобивките за бугарската економија и бизнис од бугарското членство во ЕУ, како и придобивките од трансатлантската економија. Тој цитираше податоци од извештај за трансатлантската економија претставен неодамна, според кој Бугарија извезла стоки во САД во вкупна вредност од 1,2 милијарди долари и услуги во вредност од 400 милиони долари.
Бугарија повеќе од било кога има потреба од свежи инвестиции и од поддршка на бизнисот, рече Михајлов. Се надеваме дека ќе има повеќе инвестиции од странство, инвеститорите да се чувствуваат поудобно во сегашната средина која треба да се подобри, додаде тој. Михајлов истакна дека има ефект на „девалвација“ на бугарските компании токму поради тоа што предолго сме во чекалната на еврозоната и не сме во Шенген.