Проф. д-р Пенов: Наша должност е да го зачуваме бугарскиот јазик во странство
Ако мисијата на Паисиј Хилендарски беше да ја запали искрата на знаењето и да ја врати нашата самодоверба како народ со славна историја која мора да ја паметиме и чуваме, тогаш наша должност денес е да ги зачуваме и популаризираме бугарскиот јазик, историја и култура во странство. Ова го изјави министерот за образование и наука на Бугарија, проф. д-р Сашо Пенов на отворањето на изложбата „Паисиј Хилендарски“ во бугарската амбасада во Белград, соопшти прес-центарот на Министерството за образование и култура.
Министерот истакна дека нашите дипломатски мисии, бугарските научници, патриотските учители, родители и деца во речиси 400 бугарски неделни училишта во 46 земји на сите континенти во светот играат важна улога во популаризирањето на бугарскиот јазик и историја. Министерот Пенов донираше компјутер, книги, државни знамиња и прибор за бугарското неделно училиште „Љубен Каравелов“, на предавачот по бугаристика во Белградскиот универзитет и на сите организации во Србија каде функционираат десет бугарски неделни училишта.
За време на посетата се разговараше за проблемите на бугаристиката во Србија и во светот, се разговараше и за можноста за пристап до електронски едукативни материјали на мајчин јазик. Во разговорите се вклучија амбасадорот во Белград Петко Дојков, бугарски научници, експерти од министерствата за надворешни работи и образование во Софија и Белград, студенти, наставници од бугарските неделни училишта во Србија, Република Северна Македонија и Хрватска.
На свеченото отворање на изложбата во Белград со благослов учествуваа и претставници на Бугарската православна црква.
Изложбата е организирана во рамките на Националната програма „Мајчин јазик и култура во странство“ и е посветена на 300-годишнината од раѓањето на Паисиј Хилендарски, 260-годишнината од пишувањето на „Историја словенобугарска“ и 60-годишнината од канонизацијата на Паисиј за светец од Бугарската православна црква. Едукативните панели се подготвени од Пловдивскиот универзитет „Паисиј Хилендарски“ и од Асоцијацијата на бугарски училишта во странство.