Прогласена кризна состојба во затворот „Идризово“
Со одлука на Владата прогласена е кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување безбедносни закани.
Ова се случува по информациите во изминатиот период за недостиг на чувари во казнено-поправната уставнова.
Одлука е донесена на владината седница одржана во вторникот и веќе е во сила по нејзиното објавување во „Службен весник“.
„Со оваа одлука се утврдува постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, и тоа на подрачјето на општината Гази Баба, на кое Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом ‘Идризово’ ја врши својата надлежност поради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата“, гласи текстот на одлуката.
Од органите на државната управа се бара да преземат мерки и активности во согласност со прописите за управување со кризи, а од главниот штаб за управување со кризи при ЦУК да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата.
Кризната состојба ќе трае во следните 30 дена.
Центарот за управување со кризи, претходно денес, објави дека припадници на МВР и Армијата ќе го обезбедуваат затворот поради недостиг на чувари.
Од ЦУК образложија дека еден од главните проблеми со кои се соочува „Идризово“ е недостигот на кадар во затворот. Велат дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи секојдневните потреби и активности.
Ќе се бара начин за вработување нов кадар, кој ќе биде одговорен за безбедноста и за ресоцијализаицијата на затворениците.

