ПРОМОЦИЈА НА ПРОЕКТОТ „ОТВОРЕНИ МУЗЕИ“ ВО РАМКИТЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ДЕНОВИ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
Во рамките на проектот „Отворени музеи“ за унапредување на инклузивноста, едукацијата, социјалната правда и пристапноста на музеите, утре (2 октомври), во 10 часот во просториите на Музејот на македонската борба – Скопје, ќе се одржат промоција на Водич за музејска програма за деца/лица со аутизам и нивните семејства и Семинар за музејски работници…
На промоцијата, која е дел од музејските активности за Европските денови на културно наследство, ќе се обратат министерот за култура Асаф Адеми, директорката Даниела Николова, авторите и претставниците на партнерите во проектот.
Целта на проектот е промоција на културното наследство, подобрување на пристапноста на музејските содржини и иницирање иден развој на музејски програми за подобрување на инклузивноста на ранливите групи во општеството – децата со аутизам и нивните семејства.
Проектот се реализира во соработка со ПОУ д-р Златан Сремец – Скопје и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), а е финансиран од Делегацијата на ЕУ во рамките на одбележувањето на 2018 – Европска година на културното наследство.

