|

Промовиран новиот протокол за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки

Во Јавната установа „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект „Пепелашка“ во Скопје беше промовиран протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки. На настанот присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, претседателката на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК, Наташа Д. Димитревска, вработени од областа на детската заштита и здравството.

Министерката Тренчевска во своето обраќање до присутните ја потенцира заложбата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика во обезбедувањето грижа и услови за правилен раст и развој на секое дете.

„За нас, секое дете е важно и секое дете заслужува да има еднаков пристап до ресурси и еднакви можности за напредок. Загрижувачки е податокот дека зачестеноста на дијабетесот во светот се зголемува и истражувањата покажуваат дека токму децата се во зголемен ризик од развивање на оваа болест. За жал, податоците откриваат и дека дијабетесот денес е сè повеќе присутен во предучилишната возраст. Оттука и важноста на протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, наменет за наставниот кадар во градинките и училиштата. Верувам дека протоколот ќе придонесе за подобра едукација на сите вклучени во процесот на воспитание и образование и ќе упатува за постапување со децата со дијабетес“, истакна Тренчевска.

Градоначалникот Герасимовски истакна дека Општина Центар со задоволство се приклучува кон овој заеднички проект на владиниот и граѓанскиот сектор наменет за поддршка на децата со дијабетес.

„Пред нас е протоколот со упатства за наставниот кадар, кој ќе почнува да се применува токму тука, во центарските училишта и градинки. За детскиот дијабетес, кој, за жал, го има сè повеќе, најважна е, пред сè, навремената и соодветна реакција на воспитувачот и наставникот. Затоа, искрено сум ѝ благодарен на Асоцијацијата за детски дијабетес БАЛАНС МК, која го изработи овој протокол во соработка со ресорните министерства и кој ќе биде водич за постапување со деца со дијабетес во градинките и училиштата“, рече Герасимовски.

Претседателката Димитревска информира дека во Северна Македонија има околу 130 илјади регистрирани лица со дијабетес, од нив речиси 700 деца и адолесценти до 18 години.

„Протоколот е еден вид едноставно конципиран прирачник, кој содржински претставува низа од стручно подготвени упатства за најчестите проблеми и предизвици во кои може да се најде едно дете со дијабетес додека престојува во детската градинка или училиште. Овој протокол овозможува запознавање на сите фактори во воспитно-образовниот процес, со самата состојба со дијабетес тип 1, со терапевтските можности и контролата на гликемијата кај децата со дијабетес и со начините како да се препознае и реагира и помогне при акутни состојби, кои дијабетесот може да ги предизвика“, посочи Димитриевска.

Слични Објави