ПРОТЕСТИТЕ НА ЛОЈАЛИСТИТЕ ВО БЕЛФАСТ ГО ПРЕКИНАА 23 ГОДИШНИОТ МИР ВО СЕВЕРНА ИРСКА
Повеќе од 50 припадници на полицијата се повредени, а 10 лица се лишени во слобода во десетдневните насилни демонстрации во повеќе градови во Северна Ирска. Насилството почна на 29 март во Лондондери, во областа населена со пробританско население, чии унионистички ставови меѓу другото предвидуваат неповредливост на територијалниот интегритет на Обединетото Кралство и унијата на Велика Британија и Северна Ирска, пренесува Слободен печат.
Демонстрантите од многубројните лојалистички организации во Северна Ирска на почетокот од протестите ја напаѓаа полицијата, но во средата се случи посериозен инцидент, кога унионистите успеаја да урнат оградата во западен Белфаст, која е дел од „ѕидот на мирот“, со кој се одделени деловите на градот во кој од едната страна живеат пробританските протестанти, а од другата католиците, кои традиционално го поддржуваат обединувањето со Република Ирска. Пробивајќи го одбранбениот кордон, лојалистите со „молотови коктели“ запалија автобус, при што го повредија возачот, а потоа нападнаа и еден новинар на весникот „Белфаст телеграф“.
Британскиот премиер Борис Џонсон изрази длабока загриженост по сцените на насилство во Северна Ирска. Џонсон на Твитер напиша дека е особено загрижен за нападот врз полициската служба во Северна Ирска, возачот на автобусот и нападнатиот новинар од „Белфаст телеграф“.
Пробританската Демократска унионистичка партија (ДУП) укажа на минатогодишната полициска одлука да не ги гони ирските националисти од Шин Фејн за присуството на погреб, со што ги прекршија антипандемиските мерки.
Шин Фејн, за возврат, го обвини ДУП за поттикнување на тензиите со своето решително противење за новите трговски аранжмани и со повикот за оставка на шефот на полицијата.
Минатиот месец претставниците на неколку паравоени организации од редовите на лојалистите му испратија писмо на Борис Џонсон повикувајќи го да се повлече од договорот постигнат на Велипеток во 1998 година, со што беше ставен крај на децениските немири во Северна Ирска, во кои животот го загубија повеќе од 3.500 луѓе.