МВР најдоцна до 20 август годинава треба да формира Работна група со задача да изготви предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот на проверка, што треба најдоцна до 1 октомври годинава да го достави до Владата.
Во работната група ќе учествуваат вработени во Министерството, претставници од стручната јавност, претставници на Мисијата на ОБСЕ во земјава и претставници од невладиниот сектор. Тие ќе имаат задача да спроведат сеопфатна анализа на тековната состојба, да утврдат конкретен модел за спроведување на процесот на проверка на вработените во МВР и врз основ на тоа да се изготви предлог закон со акциски план околу процесот.
Како што вели министерот Спасовски, проверката на вработените е потребна за да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија кои се спротивни на законите.