Прва фаза од договорот за прекин на воените дејствија меѓу Израел и Хамас ќе биде потпишана денес во Египет
Првата фаза од договорот за прекин на воениот судир меѓу Израел и Хамас ќе биде потпишана денеска во Египет околу 09:00 часот по гринуич, јави АФП, пренесува БГНЕС.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека двете страни се согласиле со првата фаза од неговиот мирен план, подготвен по долготрајни разговори во Каиро со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа.
Според извори блиски до процесот, документот ќе биде официјално потпишан во присуство на меѓународни посредници, меѓу кои пратеници од Египет и Катар.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави постигнатиот напредок и ги повика сите страни „целосно да ги почитуваат клаузулите од договорот“.
„Сите заложници треба да бидат ослободени на достоинствен начин. Потребно е трајно примирје. Борбите мора да запрат еднаш засекогаш“, изјави Гутереш, нагласувајќи ја и потребата од итен и непречен пристап на хуманитарна помош во разурнатата територија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе го свика владата „за да го одобри договорот и да ги врати сите наши драги заложници дома“.
Од своја страна, Хамас го повика претседателот Трамп да гарантира целосна примена на договореното од страна на Израел и „да не дозволи одложување или избегнување на преземените обврски“.
Трамп изјави дека САД ќе учествуваат во обновата на Газа и ќе помогнат територијата да остане безбедна и мирна откако Израел и Хамас се согласија на првата фаза од неговиот план.
„Ќе учествуваме за да им помогнеме да успеат, да има мир“, изјави тој за Fox News неколку часа по објавувањето на договорот, додавајќи дека е уверен „дека ќе има мир на Блискиот Исток“.

