Прва комбинирана трансплантација на црн дроб и бубрег во Бугарија
Специјалисти од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија за првпат во Бугарија извршија истовремена трансплантација на црн дроб и бубрег кај еден пациент. Реципиент е 20-годишен маж со вродена фиброза на црниот дроб и полицистична болест на бубрезите, јавува Актуално.
Органите се од 20-годишен донор по донорска ситуација во УМБАЛ „Свети Георги“ во Пловдив.
Најпрво била извршена трансплантацијата на црниот дроб од тимот на Клиниката за хепато-панкреатична хирургија и трансплантологија, во кој биле проф. Никола Владов, проф. Васил Михајлов и д-р Цветан Тричков. Операцијата траела околу пет часа.
„Во моментов пациентот е во задоволителна состојба, екстубиран, контактибилен и адекватен“, изјави проф. Владов.
Потоа, во интервенција од околу четири часа, била извршена и трансплантацијата на бубрег од заеднички тим на Клиниката за урологија и Клиниката за васкуларна хирургија, со учество на доц. Светозар Марангозов, д-р Огњан Гацев и д-р Викторија Тодорова.
Комбинираната операција е изведена речиси 20 години по почетокот на програмата за трансплантација на црн дроб во ВМА и неколку месеци по стартот на трансплантациите на бубрег во академијата.
