Првото патување во странство на новиот полски претседател Карол Навроцки ќе биде во САД, на средба со Доналд Трамп
Новиот претседател на Полска, Карол Навроцки, своето прво официјално патување во странство ќе го оствари во Соединетите Американски Држави, каде што ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Ова го соопшти шефот на кабинетот на полскиот претседател, Павел Шефернакер, преку објава на платформата X, пренесува БГНЕС.
„Во официјално писмо со честитки, предадено на денот на неговата заклетва, претседателот на САД Доналд Трамп го покани полскиот шеф на државата Карол Навроцки во Белата куќа на официјална работна средба на 3 септември 2025 година“, напиша Шефернакер.
Се очекува разговорите да бидат фокусирани на билатералните односи, соработката во областа на безбедноста и рамките на НАТО, со цел Варшава да го зајакне стратешкото партнерство со Вашингтон.
Односите со Соединетите Држави – вклучувајќи ја полската дијаспора, администрацијата на Трамп, НАТО и самиот Трамп – беа меѓу главните теми во полската претседателска кампања, која заврши со втор круг во јуни. Во услови на продолжена војна во Украина и тензии на границата со Белорусија, двајцата претседателски кандидати водеа кампања со ветување дека токму тие ќе обезбедат најдобро можно партнерство со Вашингтон.

