| |

Радев одби да го потпише указот за нова службена влада во Бугарија, изборите се одложуваат за после 20 октомври годинава

Предлогот за нова службена влада во Бугарија предводена од Горица Грнчарова – Кожарева не беше одобрен од бугарскиот претседател Румен Радев. Поради фактот што поранешниот министер за внатрешни работи на Бугарија Калин Стојанов е именуван повторно за службен министер во овој ресор, Радев одби да го потпише указот за именување на новата преодна влада, јавува БГНЕС.

Според претседателот Радев, Стојанов нема да гарантира фер избори и ја повика Грнчарова-Кожарева да даде нов предлог за министер до 15 часот денеска.

Грнчарова од своја страна го одби повикот на претседателот со аргумент дека одлуката ја донела информирано, по средби со сите структури во МВР.

„Одговорноста е моја, одлуката е ваша“, рече Грнчарова-Кожарева, по што претседателот Румен Радев рече дека во утре во Собранието нема да има заклетва.

„Утре нема да има заклетва во парламентот. Изборите се одложуваат за после 20 октомври. Владата на Димитар Главчев продолжува да ги исполнува преземените обврски“, најави претседателот.

Румен Радев ги повика пратениците во Народното собрание да ја дополнат матичната книга за тој да има поголем избор за именување на нов службен премиер.

Горица Гранчарова – Кожарева имаше рок од десет дена да предложи состав на нова службена влада за подготовка на идните предвремени избори, што требаше да се одржат наесен.

Грнчарова пред претседателот го претстави составот и структурата на службениот владин кабинет, кој во голема мера се преклопува со кабинетот „Главчев“. Проблематична се покажа функцијата на Калин Стојанов, како службен министер на МВР.

Слични Објави