| |

“Во Косово” или “на Косово”, каде е “избегана” вистината?

Facebook статус на Никица Корубин

Сагата околу косовскиот државјанин Блерим Рамадани, покриена со стотици текстови на електронските и интернет медиумите, но и агресивни партиски соопштенија, ги засени според интензитетот и тенденциозноста сите други егзистенцијални вести за нас како граѓани, но и егзистенцијални за државата. Можеби само може да “му парираат” константните напади кон претседателот на Собранието Африм Гаши и се подразбира “светата војна” кон “дестабилизацијата на ДУИ”.

Ни приближно, прецизно, сликовито и опширно не може да се најдат информации, на пример, за девастирачките пожари што цело лето ја “крстосуваат” Македонија од централна Серта, па истокот, преку Јасен, до западот и нашата “грижа за светското природно и културно наследство” Галичица. Баш ниту еден од “јавноста” целото ова време не се сети да го прикаже и сподели приказот на дневна основа на системот на ЕУ “Коперникус” кој во реално време го покажува интензитетот на пожарите, но и направената штета.

Ако, треба со оваа “цензура” да се превенира и менаџира “паниката кај јавноста”, зошто таква “цензура” отсуствува за други “дестабилизирачки” појави? Или можеби токму присуството на “цензура” на информирањето за важни и егзистенцијални теми е знак за опасност од реална дестабилизација?

Но, да се вратиме на известувањето за Блерим Рамадани, со кој е преплавен јавниот простор. Од неговото “бегство на Косово” до неговото “лоцирање на Косово”, чиниш избегал и се сместил на Шар планина или некоја долина, а не во независна држава, која патем речено е призната од наша страна уште од 2008 година. За потсетување, признавањето е направено заедно со она на Црна Гора, во времето на влада на ВМРО-ДПМНЕ, а во кое изјаснување воздржани биле, интересно за денешниот контекст, само пратениците на СДСМ.

Инаку, овие граматички “вратоломии” кои редовно се користат во нашите медиуми, во кои суптилно Косово редовно се третира како област во состав на друга држава, а не независна држава, па последователно и редовно употребата на предлогот “на”, наместо предлогот “во”, па информациите кои се однесуваат на настани поврзани со државата Република Косово, добиваат чудни форми, непознати за другите, еве нека бидат и соседни држави: се сомневам дека некој летово замина на одмор “на Грција”, а не “во Грција”? Па, како тогаш Блерим Рамадани е “на Косово”, а не “во Косово”?

Во овие скриени и незабележителни финеси, всушност се крие и вистината за целиот настан, кој има тек, ама нема почеток. Почетокот едвај може да се најде во медиумскиот простор, а беше прилично јасно и транспарентно искажан и од страна на косовскиот министер за внатрешни работи, кој патем речено имаше пред неколку недели, конструктивна средба со нашиот министер за внатрешни работи, во која посочи на очигледниот факт, парафразирано: зошто Северна Македонија, која ја има признаено независноста на Косово, во случајот со Блерим Рамадани, дозволила вмешување на “трета страна”?

И тоа нема никаква врска со вината или невиноста на Блерим Рамадани, туку на фактот дека за неговата претпоставена вина, може да одлучува само неговата матична држава: Република Косово.

Оттаму главната “загриженост” на јавноста не треба да биде реакцијата на Србија, туку реакцијата на нашата сопствена држава, која има обврска доследно да ги почитува сопствените одлуки. Ако за поимањето на Србија Косово е нејзин составен дел, како покраина “Косово и Метохија”, за нас е соседна и независна држава “Република Косово”. Праќајќи го медиумски Блерим Рамадани секој ден “на Косово”, а не “во Косово”, ние противуставно се потчинуваме на вољата на “трета страна”, и на тој начин ја погазуваме нашата парламентарна и државна воља.

А, бидејќи целиот конструиран и наметнат дискурс, околу наводната загрозеност на идентитетот, со кој се блокира европската интеграција на Северна Македонија, изминатите неколку години; како централна точка го има македонскиот јазик и неговата правилна употреба; зачудувачки и шокантно е како баш никој не реагирал на ваквата граматичка бласфемија и поигрување со нашиот јазик. А, ако не станува збор за граматички грешки, тогаш станува збор за сериозно пропагандно-медиумско наметнување на политички дискурс, спротивен и на позициите и на интересите на Северна Македонија.

Каде е вистината, на Косово или во Косово? Во регионот е сигурно, но не регионот од туѓите митови, туку регионот од нашата реалност. А, токму тој реален регион и во моментов ја чува нашата европска, а со тоа и било каква перспектива.



Слични Објави