„Раѓањето на македонската нација“ (5)
Писмо-одговор на Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз во Америка до Георги Димитров
Детроит, Мичиген, 10 октомври 1934 г.
Другар Димитров,
Во името на делегатите и делегатките на Четвртиот конгрес на Македонскиот народен сојуз, во името на целата будна македонска организација во Америка, другарски ти благодариме за братските поздрави и скапоцените насоки во твоето поздравно писмо до нашиот конгрес во Чикаго. Тоа беше највисока револуционерна чест со која нашиот конгрес беше удостоен, најјасно и најконкретно укажување за патот на нашата борба, и ние едногласно решивме тоа да го направиме програма и знаме на нашите претстојни напори за обединување на македонската емиграција под знамето на единствениот револуционерен фронт на национално и социјално поробените од сите нации и раси во светот.
Во целиот свој политички живот будната македонска емиграција во Америка само еднаш имаше почувствувано радост слична на оваа, кога го читавме твоето писмо. Тоа беше по веста за успехот на Големата Октомвриска Револуција, а сега – по веста за твоето и за ослободувањето на другарите Танев и Попов од крвавите канџи на германскиот фашизам.
Мислата дека и покрај разнишаното здравје по инквизициите во катакомбите на Хитлерова Германија и многуте и исклучително важни задачи со кои си зафатен како еден од најсмелите и најгенијални водачи на револуцијата, пак си нашол за нужно и време другарски да ги поздравиш и насочиш делегатите на конгресот, не’ воодушевуваше и продолжува да не’ воодушевува сите нас. И како што Ленин, од името на великоруското пролетаријатство, изјави:
„Ние сме полни со чувство на национална гордост затоа што великоруската нација создаде револуционерна класа, која покажа дека е способна да му даде на човештвото големи примери на борба за слобода и социјализам, а не само големи погроми, редици бесилки, големи градови и големо ползење пред попови, цареви, феудалци и капиталисти.”
И ние можеме да кажеме дека се гордееме со тебе, големиот син на бугарската работничка класа и на херојското македонско семејство од Разлошко – долината на историското Илинденско востание.
Ние високо го цениме сето она што ти, како пролетарски револуционер, го направи за правилното ориентирање на македонското ослободително движење со твоето учество во изградбата на ВМРО (обединета), во изработката на правилен став кај братските нам Бугарска, Грчка и Српска комунистички партии за македонското прашање и со твојата смела разобличувачка критика против македонските агенти на бугарската буржоазија – александровци и протогеровци.
Оваа разобличувачка критика против македонските платени орудија на бугарската буржоазија и во одбрана на вистинското македонско ослободително движење ти ја водеше под постојана закана од смрт, без да се поколебаш пред заканите и повеќекратните обиди на македонските бандити околу Александров, Протогеров и Ив. Михајлов да те убијат, како што ги убија другарите Коста Петров, Димо Хаџидимов, Христо Трајков, Петко Напетов и други македонски и бугарски национални и социјални револуционери.
Во твојата личност бугарската работничка класа и поробениот македонски народ го гледаа и гледаат својот најголем, неустрашим заштитник и водач, а бугарските и македонските фашисти – својот најопасен и непримирлив непријател.
Не случајно Цанковиот крволок М. Станчев му пишуваше на бугарскиот пратеник во Италија во 1924 г. за тебе:
„Димитров сега е во Рим. Додека е жив, јас нема да заспијам. Штом биде ликвидиран, ќе умрам спокоен.”
Не случајно и морфинскиот зависник Геринг, поручникот на Хитлер, викаше во фашистичкиот суд во Лајпциг, кога немилосрдно го разобличуваше, среде неизмерниот воодушевен подем на работните маси на целиот свет.
Таа твоја неустрашливост и болшевички ум те направија љубен водач не само за нас, Македонците и бугарските работнички емигранти во Америка, туку и за работните маси од сите нации, сите раси, сите земји, сите континенти. Во право беше Мануилски, кога, по твоето пристигнување на аеродромот во Москва, рече дека најмногу благодарение на тебе стотици милиони нови работници почувствуваа нова сила, нова храброст за борба против фашизмот, војната и гладот под политичкото раководство на Коминтерната.
Сето она што го рече во Лајпциг и Берлин беше дочекано со неизмерен подем од целата будна македонска и бугарска емиграција во Америка и од целото американско револуционерно работничко движење. Тоа ни помогна уште поцврсто да ги здружиме нашите редови и да освоиме нови позиции во борбата за обединување на емиграцијата под политичкото и организациско раководство на сојузот и братската Американска комунистичка партија. Сега нам ни останува само со уште поголем ентузијазам и непоколебливост да работиме за да ги оправдаме твоите братски поздрави и скапоцените другарски насоки, со цел да ги изолираме од македонската емиграција во Америка пратениците на Ив. Михајловата банда и бугарскиот фашизам и да ги разобличиме социјалфашистичките водачи на СЛП, кои злорадо аплаудираат на секој временски пораз на работничката класа, како што беше задушувањето на големото Септемвриско востание во Бугарија во 1923 година, и со злоба ја дочекаа секоја нејзина победа. Твоето поздравно писмо до делегатите на нашиот конгрес ги разјари овие социјалфашистички лидери на СЛП и во навредите по твојот и нашиот адрес тие ги надминаа дури и хитлеристите во Германија. На тоа срамно СЛП-истичко единство со најлудиот фашизам ние одговоривме со немилосрдна разобличувачка критика против фашизиранoто сектантско раководство и со другарски апели до искреното членство на СЛП и Македонските политички организации за заедничка борба против бугарскиот, американскиот и светскиот фашизам, против гладот и заканувачката нова светска војна и во одбрана на Советскиот Сојуз.
Ние целосно ги споделуваме твоите зборови дека „најлош непријател на македонското движење е бандата на Михајлов“ и дека „не може да има успешна борба за ослободување на македонскиот народ без целосно изолирање на таа штетна банда од македонските маси, без целосно обезвредување на нејзината предавничка улога во македонското движење и внатрешниот политички живот на Бугарија.“
Во оваа насока ние работиме веќе пет години со значителен успех. Денешниот Македонски народен сојуз и неговиот Четврти конгрес, чии делегати ги поздрави, сведочат за тоа.
Заедно со бугарската работничка емиграција и понатаму ќе работиме во овој дух, неотстапно држејќи се до твојата правилна констатација во писмото дека „само единствената револуционерна борба на македонскиот народ во најтесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да ја донесе победата на македонската револуција, само советскиот систем, како што тоа блескаво го покажува големиот Советски Сојуз, може да го обезбеди конечното национално ослободување и целосното национално обединување.“
Сојузници во оваа наша борба овде во Америка се будната балканска емиграција и црните и бели американски работници, фармери, ситни сопственици и прогресивна интелигенција. Со нивната братска поддршка ние постојано чекориме напред во борбата против пратениците на бугарскиот фашизам – разни полноправни министри, конзули и шовинистички попови – против пратениците на Михајловата банда и социјалфашистичките лидери на СЛП и воопшто против фашизмот, војната и гладот и во одбрана на Советскиот Сојуз, Кинеската советска револуција и правото на самоопределување на македонскиот народ во трите дела на распарчена Македонија и нивното обединување во една слободна држава на работниците.
Прими ја нашата другарска благодарност за твоето борбено и полно со револуционерна содржина поздравно писмо до делегатите на нашиот конгрес и нашата увереност дека ние ќе направиме се’ што е во наша моќ да ја оправдаме направената ни од тебе револуционерна чест.
Твои во борбата за ослободување на национално и социјално поробените од јаремот на капитализмот,
Централен комитет на Македонскиот народен сојуз во Америка
Продолжува

