РАСПНАТИОТ ВАПЦАРОВ (1)
110 години од раѓањето на поетот-терорист
Ние Mакедонците сме обземени од митови за нашето потекло, минато, херојска историја и (квази)трагичните судбини на некои личности кои само патем се појавиле на македонскиот национален видокруг. Една од тие личности, за мене но и за многу млади македонски интелектуалци беше и поетот Никола Јонков Вапцаров. На 7. Декември одново ќе го чествуваме неговиот роденден во Бугарија и (Северна) Македонија, не како символ на единството, туку како камен разделник на нашите амбиции и суети. Еден поет и терорист-дилетант стана поводот за бескрајни полемики и национални омрази. Сепак, за некои и до денешен ден тој остана “поетскиот бард на македонската националност во Бугарија, борецот против бугарскиот “фашизам“ но и негова “невина“ жртва.
Така мислев и јас, се до некаде на почетокот на 70. години на минатиот век, кога седејќи во кафеана со тогашен главен уредник на вестите на Македонското радио, во неврзан разговор по ликот и делото на Вапцаров, тој рече дека “поетите не треба да се сфаќаат сериозно, сериозниот пристап кон нив е чист сталинизам и дека поезијата треба да се одвои од нивниот живот“, додавајќи притоа дека “само Сталин ги сфаќал поетите сериозно и затоа ги испраќал во лагери или во смрт, што во некој случај има и оправдување“…да, да, додаде уредникот, “оправдувањето се однесува на нивното делување, но и на поезијата“.
Тоа беше провокација за мене да се заинтересирам за ликот и делото на Вапцаров, собирав книги за него низ Македонија и Бугарија, но насекаде наидував на панегирици за неговата поезија и за неговото револуционерно дејствување, како и за херојската смрт, сето гарнирано со “борбата против фашизмот“. Но времето по Титовата смрт донесе нови ветришта, нови книги и нови сознанија за “славната“ борба против фашизмот и за жртвите на таа борба. Во Македонија од Белгија беа прошверцувани спомените на Ванчо Михаилов и таму за прв пат се сретнавме со ликот на неговото семејство, поточно со татко му Јонко Вапцаров, со агентот на НКВД во нивниот дом, д-р Мајлер, со литературата со која се напојувал младиот поет и со опкружувањето во кое живеел. Подоцна, некаде во деведесетите се појави книгата на Марин Георгиев “Третиот разстрел“, која предизвика вистински земјотрес во македонските културни кругови, за на крајот сите ние да можеме да влеземе во Desebg и лично да се сретнеме со несреќниот поет.
Да се родиш нежен и кршлив, со поетска душа, во сенката на сесилниот и насилниот Јонко Вапцаров е живот “на распетие“ мегу сопствените пориви и амбициите на семејството. До денешен ден низ Банско се говори дека “единствените господари на Пирина се Царја и Вапцарја“ и сите други се нивни поданици. Јонко е пријател со цар Фердинанд, има и клуч од неговите интимни одаи и може да влезе кога сака, а вториот цар, Борис, првиот сопствен авион со кој пилотирал, на првиот лет го упатил кон Банско, атерирал на некаква полјана и со себе назад понел и дел од семејството Вапцарови. А тие не се било кои. Мајката на поетот, позната како бабата Елена Вапцарова е евангелистка-методистка, образувана во евангелистичко училиште во Самоков, а во домот на Вапцарови, барем така вели легендата, е отворен првиот Пен клуб на Балканите. Сигурно е дека Пиринскиот цар Јане Сандански е убиен од заседа по налог на цар Фердинанд и сигурно е дека надгробниот венец на неговиот погреб, во името на Фердинанд го поднесува Јонко Вапцаров, но легендата вели дека баш тој Јонко е оној кој го организира убиството со своите вмровци на Пирин. Поетот има и постара сестра, Рајна која е мажена за водачот на михајловистичката ВМРО во Разлог Георги Коцаков. Да се родиш и раснеш во такво семејство, а да завршиш само машинско морнарско училиште и да пишуваш стихови, значи да си во конфликт со себе си и со средината во која живееш…распнат меѓу револверот и поезијата, а свесен си дека не си Ботев. Тука е и агентот на НКВД, д-р Мајлер кој ја насочува младата личност кон поезијата и социјализмот, па така и го трасира неговиот пат кон гибелта. Патем речено, синот на истиот Мајлер, пак д-р Мајлер, во шеесете годин од минатиот век е началник на НКВД/ГРУ/ГПУ во тогавашната РСФСР!?!
Неговото заминување од морнарството, времето минато во Кочериново, средбата и љубовта со неговата подоцнежна сопруга Бојка како и “барањето на себе си низ поезијата и револуционерната борба“ се одамна излитени и познати приказни од книшките за ученици во комунистичките училишта, претежно во Бугарија. Во Македонија пак се слави неговото учество во Македонскиот литературен кружок и неговиот надалеку познат Реферат (Доклад) за кого не постои никаков материјален доказ.
Советската агентура, следејќи ја политиката на СССР и на Коминтерна за поделба и конечно укинување на 1300 години старата бугарска држава, прави напори да го затрие бугарскиот идентите и на македонците и притоа има две успешни разузнавателни акции: Едната е формирањето на ВМРО (Обединена) и втората е Македонскиот литературен кружок (МЛК) во Софија. Тоа се двете кукавичини јајца насадени на македонското револуционерно и национално ткиво, со чии погубни резултати уште не можеме да се справиме. Талкајќи во потрага по сопственото битие, Вапцаров се приопштува кон МЛК сметајќи дека на тој начин, во една поинаква поетска средина, ќе може да излезе од сенките на веќе познатите и признати бугарски поети. Го бара сопственото себедокажување. Во Бугарија ова литерарно друштво е малку познато, составено от тогавашни маргинални личности, кои подоцна стануваат фактори во новата македонска држава по 1944 година.
Во тој круг дејствуваат Никола Вапцаров, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Венко Марковски, Димитар Митрев, Коле Неделковски, Васил Ивановски, Антон Попов и уште неколку други писатели и поети. Де факто, се работи за “глутница волци“, недокажани личности, желни за власт, пари и кариера. Ако ги следиме нивните животни патишта, остануваме шокирани од нивното конвертитство и безкрупулозност. За зигзагите во изјавите и мненијата на Венко Марковски веќе знае целиот свет. Тој е творец на новата македонска збука, за подоцна да се откаже од се и да се врати во бугарската културна сфера, каде Тодор Живков но и менторите од Москва го устоличуваат како неофицијален патријарх на бугарската поезија и голем борц за нацијата. Васил Ивановски е прононсиран агент на Коминтерна кој уште во годините пред војната го пишува познатиот пасквил “Зошто ние македонците сме посебна нација“ и со помошта на Гео Пирински го растура низ емигрантските организации во САД и Канада. По војната тој е првиот главен редактор на комунистичкиот весник “Нова Македонија“ за подоцна да падне во затвор во Бугарија.
Димитар Митрев станува професор по литература на Скопскиот универзитет,а истовремено е главниот обвинител на судените во конструираните процеси против ВМРО и бугарските патриоти во Македонија. Најинтересниот е Михаил Сматракалев кој од македонистички поет и писател, за време на Втората светска војна станува адвокат во Серес и ги брани пред судот богатите серчани кои биле на прогрчки позиции пред војната. Ги брани во истите процеси во кои неговиот внук од брат е царски обвинител, па така “одбранетите гркомани“ ја добиваат слободата за “златна“ надомест. Истиот Жаров во средината на деведесетите години по промента на системот, доаѓа во Македонија каде добива македонски паспорт и членство во Македонското друштво на писателите и некаква солидна парична надомест за “претрпените штети од бугарските фашисти“…да не е трагично, би било многу смешно, но тоа минува во Македонија без никакви дополнителни прашања.
Тука, меѓу тие луѓе се никулците на тероризмот, но тој тероризам сеуште е во духовната сфера, тоа е тероризам против бугарскиот национален дух, Тука, на тој терен непознатиот Вапцаров е во свој елемент и неговиот “Доклад“ е примен со аплаузи, но кога се минува во повисоката, оружена фаза на борба, поетот се покажува слаб и неподготвен за “револуционерните“ изкушенија.
Револуцијата во Бугарија во периодот на војната (и пред неа) доаѓа во форма на терористички акции, организирани од Советската разузнавачка служба. Во “Третиот разстрел“ на М. Георгиев детално се разработени групите на подводничари и парашутисти кои се спуштаат на бугарска територија, целосно неорганизирано и без помошта на месното населенеие, па така речи си сите се фатени и затворени, најмногу благодарејќи на интелигентниот и доброорганизран шеф на Тајната полиција за борба против комунистите, прочуениот Никола Гешев. Меѓу оние кои успеваат да опстанат на бугарска територија е офицерот на Црвената армија, бугаринот и советскиот разузнавач Цвјатко Радојнов. Во неговата терористичка група е и Никола Вапцаров, како член-деловодител на минноподривната комисија на ЦК БРП(к). Задачата им била да вршат атентати на важни личности од бугарската армија и политичкиот живот, како и напади на железнички пруги и постојки со цел да се саботира дејноста на бугарската армија. На 4 март 1942 година Вапцаров е уапсен, затворен и против него е отворено кривично дело по основа на Законот за заштита на државата. Осуден е на смрт, неговата молба и молбата на мајка му Елена до цар Борис за помилување се одбиени и тој заедно со соборците е стрелан на 23 јули 1942 година. Имал само 32 години. Оттука натаму постои само неговата поезија, легендите и контроверзите на комунистичката номенклатура.
Автор: Владимир Перев/ Фактор.бг