РАСТ НА КРЕДИТИРАЊЕТО ОД „БРЗИ КРЕДИТИ“ ДО 400 ЕВРА

Вести Истакнато Македонија

Седум отсто од кредитоспособното население лани подигнало кеш од небанкарски финансиски друштва, познати како – „брзи кредити“. Граѓаните кои најчесто не ги исполнуваат услови за подигнување кредит од банка се решаваат да земат пари од овие финансиски друштва, потврдуваат од фелата. Најчесто граѓаните се одлучуваат да подигнат од 100 до 400 евра. Од Асоцијацијата на финансиски друштва велат дека имаат заштитни механизми како при одлука за доделување на вакви мали кредит, така и за оние кои не го враќаат.

„Фиксните трошоци кои ги имаат нашите друштва се слични како и банкарските. И ние нашите вработени ги плаќаме со плати, без разлика што одобруваат кредит од 100 евра, за разлика од банките што одобруваат дури и милионски кредити. Но, трошокот како процент е далеку поголем кај нашите кредити“, рече Горан Василев, асоцијација на финансиски друштва.

На почетокот на годинава Собранието го донесе Законот за заштита на потрошувачите при договори за брзите кредити до 200 евра. Со законот се ограничуваат вкупните годишни трошоци на 55 отсто од кредитот. Претходно, овие трошоци не беа ограничени и достигнуваа дури и до 500 отсто. Најголемиот дел од граѓаните кои подигнале брз кредит навремено ги подмирувале обврските.

„Во моментов при одобрување на кредити имаме соодветни механизми со кои проверуваме кредитна способност, а таа вклучува проверка на релевантни дата бази, како Македонското кредитно биро, но и сите други дата бази кои ние ги инициравме и побаравме пристап кон истите во Министерството за финансии…“, рече Филип Димитровски, раководител на асоцијација на финансиски друштва.

Првото друштво од ваков тип во Македонија почнало да работи во 2011. Моментално во земјава има 24 мали фирми кои даваат брзи кредити. Платите на вработените во нив во споредба со оние кои работат во банките се повисоки за околу 20 насто. Во 2016 во земјава биле издадени брзи кредити во вредност од 4,6 милиони евра. Тој износ во 2017 пораснал до 17,5 милиони, а сумите за ланската година се очекува да бидат и двојно повисоки.