„Ревизија“ и „репреговарање“ на Владата преведени на македонски гласат „кочење“ и „прекинување“ соодветно
Facebook статус на Ивон Величковски
Површински, кочење во инфраструктурата. Суштински – прекинување на евроинтеграцијата на Северна Македонија.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги подложи на ревизија (читај: запирање) практично сите инфраструктурни проекти на Северна Македонија кон Бугарија и кон Косово, како дел од сопственото европско и евроатланско патно и железничко поврзување.
Единствено откако наиде на „тврд орев“, инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ за ревизија на автопатот по коридорот 10Д тивко го снема: „коруптивен“ за опозиционерите Мицкоски и Николоски, непроблематичен за премиерот Мицкоски и министерот Николоски.
Шпекулациите за поткуп ќе останат шпекулации се додека функционерите не ги пријавуват во Обвинителството и не кажат кој, кога, каде, како и колку им понудил.
Кочењето во транспортните проекти е исто што и прекинувањето на интеграциите поради неспроведување на Дополнителниот протокол.
“Репреговарањето” на Мицкоски и Муцунски е само отстапување од договореното и преземеното како државна обврска во меѓународен документ формиран со силна европска и американска поддршка – Дополнителниот протокол кон Договорот за добрососедство… т.н. „Француски предлог“.
Понуден од Париз (во координација со Берлин), усвоен на “невидено” во Софија, изгласан во Скопје со отпор на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Понуден во мандатот на претседателот, Макрон, кој вчера во Србија потпиша 11 билатерални договори од голем финансиски обем и од значење за Франција.
Медиумите во Белград не ја одмолчаа онолку колку нивните скопски подружници ја минимизираа една од главните пораки од заедничкиот ПРЕС на Макрон и Вучиќ, дека „нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина останува „интегрална димензија“ (составен дел) од процесот приближување на Србија во европските интеграции, вклучително низ Охридскиот договор“.
Ова Макрон го срочи во рамки на „пораката на решителност и доверба“, апострофирајќи го како суштинско за напредокот на целиот Западен Балкан и интеграцијата (на регионот) во ЕУ која покрај економска, политичка, енергетска… доби и димензија на безбедносна автономија. Овие пораки очигледно не зависеа од финансискиот обем на договорената соработка.
Скопските „живаљевиќи“ за тоа време мораа да ги држат „во живот“ тезите на Мицкоски дека прекинот е неопходен во очекување на нова Влада во Софија; а таа, било техничка било политичка – не одлучува за ништо по Дополнителниот протокол бидејќи тој уредува како, а не дали ќе се откочат нашите интеграции – со наш потег.
Опозицијата, затоа, мора да опстане на корисното за нацијата на Северна Македонија: на забрзување на европските интеграции на РСМ – вон зависност од решавање на односите меѓу Косово и Србија.
Во спротивно, Северна Македонија се одвојува од пакетот за почеток на ЕУ-преговори со Албанија по волја на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН – на неопределено време.
Запирањето на интеграциите и транспортните проекти од Владата на Мицкоски, Димитријевски и Меџити можеби е корисно за експанзија на српската, но секако не за нашата економија, која така ќе остане врзана за Белград, а не еднакво отворена кон сите.
Со тоа Северна Македонија се враќа на статусот до 1991: безбедносно неавтономна и енергетски, економски и транспортно неспособна за (проекција на) сопствен одржлив развој. На задоволство на комората на ПЈРМ, но не и на потребите на економијата на Северна Македонија.
Потребно е да се најави и дека останувајќи на шините на „брзиот воз од Будимпешта“, Скопје ќе зависи од Белград и во комуникацијата со било кој Еврокомесар за регионална и кохезиска политика (под чиј надзор е Европскиот фонд за регионален развој) или за енергетика.
Опозицијата нема причина да губи време на Пи-Ар-от на Белата Палата: се додека ВМРО-ДПМНЕ не поднесе пријава во Обвинителството, нивните пресови се само минутажа во вести.
Но опозицијата мора постојано да ги повикува ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да одговорат зошто и за чии потреби ги запираат инфраструктурните, економско-енергетските и надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија.
Владата има мандат за трошење, но ние немаме генерации за фрлање.

