Роман Цветков од молдавскиот град Тараклија: Во Бугарија се чувствувам како дома
Деветнаесетгодишниот Роман Цветков од Тараклија, Молдавија, студира бизнис и менаџмент на универзитет во Кремс, Австрија, но по завршувањето на студиите планира да се врати во родниот крај и со стекнатото образование да придонесе за неговиот развој, пишува Радио Бугарија.
Цветков е поранешен ученик на Теоретскиот лицеј „Олимпиј Панов“ во Тараклија и бил учесник на конкурс за есеј на Бугарското национално радио за ученици и студенти од бугарските заедници во странство. Во септември присуствувал на свеченоста за доделување на наградите во Софија.
„Заминав за да добијам одлично образование, да имам специјалност и да работам така што ќе ѝ помогнам на мојата држава да има подобра иднина“, изјави Цветков.
Тој зборува бугарски, руски, романски, украински и англиски јазик, а учи и германски. Посочува дека познавањето јазици е важно за комуникацијата во мултинационална средина.
Цветков е роден во Кишињев, а живее во Тараклија, каде, според материјалот, околу 76 отсто од населението се Бугари. Тој истакнува дека бугарскиот јазик, традициите и семејните корени се важен дел од неговиот идентитет.
„Бугарија е неразделен дел од мене. Јас сум Бугарин, тоа е мојата самосвест и без разлика дали денес учам во Австрија или сум во Молдавија, секогаш ќе се нарекувам Бугарин и ќе кажувам дека имам бугарски корени“, изјави Цветков.

