Руски дронови го нарушија полското воздушно пространство – Варшава зборува за „голема провокација“
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека нарушувањето на полското воздушно пространство од неколку руски дронови во текот на ноќта претставува „голема провокација“ насочена против земја-членка на ЕУ и НАТО. „Синоќа бевме сведоци на нарушување на полското воздушно пространство од значителен број руски дронови“, рече тој, осудувајќи ја „големата провокација“, јавува БГНЕС.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Кaja Калас, изјави дека Русија намерно го нарушила воздушниот простор на Полска, откако Варшава испратила борбени авиони за да ги собори беспилотните летала. „Синоќа во Полска го видовме најсериозното нарушување на европското воздушно пространство од страна на Русија од почетокот на војната, а индикациите укажуваат дека тоа било намерно, а не случајно“, напиша таа на мрежата X.
Инцидентот се случи ноќта на 10 септември, кога Русија изврши масовен напад со дронови врз западна Украина. Полската армија собори неколку беспилотни летала над своја територија, а властите го опишаа настанот како „акт на агресија“. Поради заканата, аеродромот во Варшава и уште неколку полски градови беа затворени неколку часа – прв ваков случај во Европа од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Главната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека радарите откриле повеќе од десет објекти, од кои дел биле неутрализирани поради можност да претставуваат закана. „Некои од дроновите што навлегоа во нашето воздушно пространство беа соборени. Продолжува потрагата по местата на нивното паѓање“, стои во соопштението.
Операцијата завршила околу 7:30 часот наутро, но потрагата по урнатите дронови сè уште трае. Во градот Вирики, во источното Лублинско војводство, остатоци од еден дрон оштетиле покрив на куќа и автомобил паркиран во дворот.
Премиерот Туск веднаш свикал вонредна седница на владата и изјави дека останува во постојан контакт со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и сојузниците. Тој потврди дека соборените дронови биле руски, што е прва официјална директна идентификација од страна на полските власти.
Полската територијална одбрана добила наредба да биде подготвена за евентуална мобилизација во скратени рокови. Министерството за одбрана на Русија засега нема коментар за инцидентот.