|

САД, Јапонија и Јужна Кореја им се заканија на Ким и Северна Кореја

САД, Јапонија и Јужна Кореја предупредија дека севернокорејската нуклеарна проба ќе биде дочекана со „невиден силен одговор“, ветувајќи единство по лансирањето на ракетата од Пјонгјанг.

По разговорите во Токио, замениците министри за надворешни работи на трите земји рекоа дека ќе го засилат своето одвраќање во регионот.

„ Се договоривме дополнително да ја зајакнеме соработката за Северна Кореја да може веднаш да ги прекине своите незаконски активности и да се врати на разговорите за денуклеаризација“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Чо Хјун-донг.

„Трите земји се согласија за потребата од невидено силен одговор доколку Северна Кореја продолжи со седмиот нуклеарен тест“, изјави тој за новинарите.

Сеул и Вашингтон постојано предупредуваа дека Пјонгјанг би можел да биде блиску до тестирање атомска бомба за првпат од 2017 година, по серијата лансирања на балистички проектили. Минатиот месец проектил прелета над Јапонија, а Северна Кореја соопшти дека спровела тактички нуклеарни вежби.

„ Ова однесување е непромислено и длабоко дестабилизирачко“, рече заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман, повикувајќи ја Северна Кореја да се воздржи од дополнителни провокации.

Минатиот месец севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја прогласи земјата за „неповратна нуклеарна сила“, практично завршувајќи ги преговорите за неговите забранети програми за оружје.

Ким трипати се сретна со претходникот на Бајден, Доналд Трамп, намалувајќи ги тензиите, но тоа не резултираше со траен договор, а Пјонгјанг покажа мал интерес да ја прифати понудата на американскиот претседател Џо Бајден за разговори на работно ниво.

Јапонскиот заменик министер за надворешни работи Такео Мори рече дека „интензивните нуклеарни и ракетни активности на Северна Кореја се јасен и сериозен предизвик за меѓународната заедница“.

Извор: press24.mk

Слични Објави